goransugareski

Сугарески: Мора да има одговорност за пропустите на автопатот Кичево-Охрид

Скопје, 9. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска порача дека мора да има одговорност за пропустите при изградбата на автопатотот Кичево-Охрид за кој Владата и изведувачот на градежните работи кинески „Синохидро“ преговараат за склучување анекс на постојниот договор.

Се преговара за продолжување на рокот за изградба кој истекува на 31-ви јануари следната година и за утврдување на дополнителните трошоци за изградбата.

– Иако има шпекулации за над 140 милиони евра се уште не може да се каже бидејќи се преговара. Не се откажуваме  од изградба на автопатот, но одговорност мора да има бидејќи станува збор за сериозна количина пари кои ќе треба да се обезбедат најверојатно од Буџетот на државата. Дали преку кредити или директно од Буџетот на Република Македонија факт е дека автопатот мора да се гради исто како и автопатот Миладиновце – Штип, изјави Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања на свеченоста по повод 68 години од основањето на Градежниот факултет во Скопје.

Сугарески истакна дека се прават напори навреме да бидат завршени преговорите за да има и динамика на работа и на плаќање.

– Да не правиме нарушување во стопанството бидејќи очигледно со секое задоцнување и дали преку пенали и оштетни побарувања  државата има штета, а исто така и компаниите кои работат, рече Сугарески.

Според деканот на Градежниот факултет Дарко Мославац, станува збор за сложен проект, за кој се јавиле проблеми при градењето, но се решаваат со надзорот и со претставници на Јавното претпријатие за државни патишта.

– Градежниот институт Македонија, како надзор за изградбата информирал дека постојат проблеми и оти работите не одат со она темпо со кое би требало да одат, рече Мославац.

Коментирајќи ги информациите во дел од медиумите за промашена траса и подземно езеро на автопатот деканот на Градежниот факултет рече дека не знае што значи тоа погрешена траса и потенцира дека нема тунел во светот без подземна вода.

– За таа траса е напрaвен идеен проект, главен проект и се изведува онака како што е проектиран. Имаше изјави од новинари за подземно езеро  во тунелот  Пресека. Тоа воопшто не е точно, туку има подземна вода која ја има во секој тунел. Нема тунел во светот кадешто нема подземна вода  и таа се собира на едно место за да може да се дренира надвор од тунелот, изјави Мославац, потенцирајќи дека  и експерти од Франција ангажирано за  советување и решавање одредени проблеми биле зачудени од тежината на теренот.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, според сегашниот договор, чини 374 милиони евра.

Со анекс договор Владата и „Синохидро“ го продлжија до 30-ти септември следната година и рокот за изградба на автопатот Миладиновци-Штип, а кој требаше да биде завршен до мај годинава. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива