ramireskina

Бразилецот Рамиреш во јануари доаѓа во Интер?

Милано, 12. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Бразилскиот интернационалец Рамиреш, инаку поранешен фудбалер на Челси, во зимскиот преоден рок би можел да го засили италијанскиот калчолигаш Интер, пишуваат медиумите на Апенините.

Тој е член на Џиангсу сунинг, клубот кој има силни релации со Интер поради истите сопственици, па трансферот и нема да претставува голем проблем.

Рамиреш остави одличен впечаток во Европа носејќи го дресот на Челси, со кој во 2012 година ја освои и Лигата на шампионите, но по заминувањето во Кина и не игра во најдобра форма. Токму затоа сака да се врати на Стариот континент, а тимот на Лучијано Спалети е идеална можност за повторно да се вивне во орбитата, па дури и да избори место во селекцијата на Бразил на Светското првенство во Русија.

Првенството на Кина завршува во ноември, па Рамиреш ќе има доволно време да размисли за враќањето во Европа и за можноста да стане нов член на „нероаѕурите“. (Крај)

извор: Екипа.мк фото: Екипа.мк