staracarsijaohrid

Поништен огласот за проектни решенија за нови ликови на охридската, струшката и скопската стара чаршија

Охрид, 13. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за економија го поништило огласот за избор на понудувач што требаше да изработи проектни решенија за конзервација, санација и адаптација на излозите и натписите на дуќаните од Старата Скопска чаршија и на другите чаршии низ земјава (охридската, струшката и битолската).

Според образложението објавено на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, причина за поништувањето на огласот се поднесените понуди кои не можат да се споредат поради различниот пристап во техничките или финансиските понуди. По ваквиот епилог, од надлежното министерство ќе треба повторно да се обидат со реализација на проектот преку распишување на нов оглас во претстојниот период.

Проектните решенија за македонските чаршии се неопходни пред било каков санационен зафат на дуќаните. Идејата е да се изработат проекти за излозите, натписите, натстрешниците, ќепенците и евентуалното зеленило за дуќаните лоцирани во овие четири чаршии. Конструкцијата на самите излози треба да биде од масивно дрво, додека натписите на дуќаните треба да бидат сразмерни на површината на објектите. Неуспешниот оглас беше објавен на крајот на месец август.

Проектот за санација, конзервација и адаптација на чаршиите треба да го врати изворниот лик на старите градски јадра во Скопје, Битола, Охрид и Струга. Дел од чаршиите, особено Струшката и Охридската, денеска се наоѓаат во катастрофална состојба. Голем дел од дуќаните се надградени или несоодветно санирани, со светлечки реклами на излозите, затемнети стакла, евтини пластични или алуминиумски прозорци и големи натписи на излозите налик на трговските центри. (Крај)

извор: build.mk фото: архива