Избор Охрид Партии

Стојановски: Убедливата победа значи една голема обврска да ги реализираме најавените проекти

Охрид, 16. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Новиот градоначалник на Охрид, Јован Стојановски синоќа на градскиот плоштад во својата прва изјава по победата се заблагодари на охриѓани и вети дека уште од првиот ден од стапувањето на функцијата ќе започне со работа на реализација на дадените предизборни ветувања.

– Едноставно се случи она што го посакувавме, а тоа е народот да ја изрази јасната волја и да дојде до промени во нашата држава. Се виде дека СДСМ и на овие избори излезе со содржајна програма да ги освои гласовите на граѓаните и ја освои оваа убедлива победа. Се надевам дека ќе ја оправдаме довербата на граѓаните, затоа што оваа убедлива победа не значи ништо друго освен една голема обврска за сите нас коишто бевме вклучени во овој изборен процес, да ги реализираме сите оние највени проекти и да најавиме нови вработувања, сето она кое народот во Охрид го очекува, подвлече Стојановски.

Нашата парола беше „Живот во Охрид за сите“ и ние мора од утре натаму да се бориме и да работиме на сето тоа.

– Им благодарам на сите граѓани, мислам дека сепак овие избори покажаа дека Охрид е крајно демократски град, дека сосема заслужено треба да оди напред. Пораката за охриѓани е најпрво едно големо благодарам за јасно изразената волја, а понатаму дека од утре ние почнуваме сериозно да ги реализираме сите оние најавени проекти, ветувања, се она што е содржано во програмата, истакна Стојановски.

Тој упати и благодарност до медиумите за сета коректност што ја имале за време на изборната кампања.

sdsm1

sdsm2

Приврзаниците и симпатизерите на СДСМ ноќеска славеа победа низ улиците на Охрид и на градскиот плоштад. Свои обраќања имаа и претседателот на ОО СДСМ Охрид и пратеник во македонското собрание, Томислав Тунтев и носителот на советничката листа, Константин Георгиевски.

pobedasdsm

Според првичните официјални податоци на Државната изборна комисија, Стојаноски од вкупно излезените 33.754 граѓани на изборите освоил 18.251 глас или 54,07 проценти што е доволно за победа во првиот круг. Коалицијата предводена од СДСМ победи и на советничката листа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука