izboribanerlokalni

Изборни математики: На овие избори гласале близу 3.000 охриѓани помалку

Охрид, 17. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Точно 2.967 гласачи помалку излегле да го дадат својот глас во Охрид на локалните избори кои се одржаа во неделата, во споредба со оние од 2013-та година.

Од вкупно регистрирани 52.858 лица, во Охрид на овој изборен циклус излегоа да го дадат својот глас 33.774 граѓани, а се гласаше на 89 избирачки места со излезност од 63,93%. Во 2013-та година 36.724 жители на Охрид гласаа на 73 избирачки места, тогаш со излезност од 72,49%.

Кандидатот на СДСМ, Проф. Јован Стојаноски ја однесе победата со 18.262 (54,07%), кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Д-р Митко Тилевски освои 13.560 гласови (40,15%), додека независниот кандидат Стевче Стевоски освои 679 гласа (2,01%). Во делот на Советот, ДУИ, БЕСА и Алијанската на Албанците освоија 2.643 гласа (7,83%), ВМРО-ДПМНЕ 12.871 гласа (38,11%), ДПА 323 гласа (0,96%), СДСМ 15.198 гласа (45,00%), додека независната листа предводена од Љупчо Настоски освои 1.180 гласа (3,49%).

Забележително беше и тоа што на овие избори имаше далеку помалку советнички листи. За место во градскиот Совет на неделните избори се бореа само 5 субјекти (партии, коалиции и независни листи), во споредба со 2013-та кога имавме дури 13, што тогаш доведе до големо дисперзирање на гласовите. Слично беше и на листата за градоначалник на Охрид. На 15-ти октомври оваа година се избираше помеѓу 3 кандидати, додека во 2013-та имавме 5 претенденти за првата фотелја на улицата „Димитар Влахов“ број 57.

Колку за дополнителна споредба, еден изборен циклус претходно, во 2009 година на изборите гласаа 34.476 гласачи со излезност од 63.97%  на 73 избирачки места. Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Кирил Трендафилов Нанче освои 16.593 гласови, само 422 гласа помалку од кандидатот на СДСМ Александар Петрески кој освои 17.015 гласови.

Еден изборен циклус пред ова, во 2005-та година, на 73 избирачки места, од запишани 51.779 гласачи, излегле на гласање само 31.511 лица. Кандидатот на СДСМ Александар Петрески беше избран во вториот круг со освоени 16.787 гласови. За 23-те советнички столчиња таа година се бореа 9 листи на партии и независни кандидати.

Ако се анализира излезноста на охриѓани во текот на изминатите излезни циклуси, се доаѓа до заклучок дека во просек на избори во Охрид излегуваат нешто над 32.000 гласачи, со исклучок на 2013-та година кога имавме дури 36.724. Интересно е што таа година (2013) имавме и голем број неважечки ливчиња, односно точно 1.413. Во 2013-та година беа пријавени 50.686 регистрирани гласачи, над 3.200 помалку во однос на претходниот изборен циклус во 2009 година, кога за локалните избори беа пријавени 53.893 регистрирани гласачи. (Крај)

извор: sec.mk/ОхридПрес фото: архива