samotoni2

Антонио Ристески: Во „Само Тони и две жени“ делиме слична енергија и секогаш заеднички носиме одлуки

Охрид, 18. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Антонио Ристески, познат под неговото сценско име „Само Тони“ или третина од бендот „Само Тони и две жени“, беше денешен гостин во „Радио Корнер“ со Александра Алексијевска. За дебитантскто учество на годинешниот „Макфест“, за наградата која ја освоија за сценскиот настап и за многу други теми прочитајте во мини интевјуто за Супер радио.

Супер радио: Триото „Само Тони и две жени“ ни донесе добри вести од 32-то издание на фестивалот „Макфест“. Тоа беше Ваше „сефте“, Ваш дебитантски настап на фестивал. Какви се импресиите?

Антонио: Нам ни е ептен мило што настапивме на „Макфест“ и како што велат луѓето прво па машко, така и се случи. Освоивме награда за најдобар сценски настап. Горди сме и среќни бидејќи вложивме голем труд во сценскиот настап за нашата втора авторска песна „Луда мала“. Фестивалот имаше многу голема организација, но уште поважно е што имаше и многу дружење на бекстејџот.

Супер радио: Кој го осмисли сценскиот настап, кому му ја дадовте довербата за кореографијата и сценографијата?

Антонио: За некоја работа да се заврши успешно, секој аспект треба да се довери на професионалци. Ние пред се` сме музичари, шоумени и на тоа си остануваме. Затоа за сценскиот настап ангажиравме професионалец кој би застанал зад целиот проект. Го избравме актерот, сценарист и режисер Ефтим Трајчов Ѓаурски, кој го осмисли сценскиот настап, но и самиот беше учесник. Буквално на табака ни ја даде својата идеја, која требаше „само“ да ја реализираме на сцената.

samotoni1Супер радио: Колку време ја вежбавте коерографијата?

Антонио: Кореографијата ја вежбавме скоро два месеци. Имаше и некои моменти кои беа многу тешки и ќе ни требаа 5-10 години да ги совладаме, па на крај решивме да не ги вметнеме во самиот настап.

Супер радио: Која е екипата која авторски стои зад песната „Луда мала“?

Антонио: Јас сум автор на музиката и аранжманот на песната, а Марија Докузова (Маца) го напиша текстот. Темата „Луда мала“ ја создадовме пред околу година и половина, но ја чекаше вистинската прилика, и се случи тоа да биде годинешниот „Макфест“.

Супер радио: Како настана името на бендот „Само Тoни и две жени“?

Антонио: На терминот „Само Тони“ јас сум кумот, а на остатокот од името двете жени, Маца и Тина. Уште на почетокот  настапував под името „Само Тони”, еден човек, повеќе инструменти. Пoдоцна го проширивме бендот со Маца и Тина. Стана јасно дека во проширен состав веќе не соодветствува и решивме дека ни треба нешто ново во името. Така многу спонтано испадна „Само Тони и две жени”. Во оваа формација настапуваме повеќе од четири години.

Супер радио: Преработувате теми и им давате Ваш личен печат кој содржи многу позитивна енергија и многу шарм. Сепак „Луда мала“ не е кавер, туку авторска песна и во неа се чувствува таа енергија и тој шарм. Како паѓа одлуката кои песни да ги преработите?

Антонио: Добро е што никој од нас го нема „главниот” збор. Слогата е типична за нас и тоа е најважно за професијата. Мора да се пронајдеш, да си компатибилен и да уживаш со луѓето со кои работиш. Карактерот на личностите е многу важен и јас сум многу задоволен од тоа како функционираме како бенд. Сите тројца носиме слична енергија и секогаш заеднички носиме одлука кои песни да ги преработиме. Имаме преработено околу 50 македонски песни.

Супер радио: Пред крај, кои се Вашите идни планови?

Антонио: Кога станува збор за плановите, ќе речам дека веќе не сме само во план, туку сме и во процес на реализација на нашиот прв албум. Очекуваме и се трудиме да ја задржиме онаа позитивна и за нас препознатлива енергија на сите песни кои ќе бидат дел од деби албумот.

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работенден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес