dusannedanov1

Неданов: Мотивацијата е многу важна и без неа нема добри резултати

Охрид, 26. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Душан Неданов, бодибилдерот кој неодамна во Охрид ја донесе титулата „Атлета на годината 2017“ беше денешен гостин во „Радио Корнер“ со Александра Алексијевска. За освоениот златен медал, за тоа каков е животниот стил на бодибилдерите, за романтичноста во ѕверот, прочитајте повеќе во денешното радио-интервју за Супер радио.

Супер радио: Кажи ни нешто повеќе за бодибилдинг и фитнес натпреварот „Атлета на Македонија 2017“, каков резултат постигна?

Неданов: Најпрво да Ви го честитам престојниот роденден, 25 години Супер радио. Инаку бодибилдинг и фитнес натпреварот „Атлета на Македонија 2017“ е трет натпревар на кој сум учествувал. Подготовките ми беа малку полесни во споредба со претходните, но во последните неколку денови секогаш станува понапорно. Го освоив првото место, златниот медал во категорија бодибилдинг класик.

Супер радио: На истата сцена, при доделувањето на наградите се случи уште нешто што вечно ќе го паметиш?

Неданов: Имав испланирано на сцената да ја запросам својата девојка. Таа не знаеше ништо за тоа. Јас го организирав сето тоа со претседателот на Бодибилдинг федерацијата на Македонија и се` испадна едно големо изненадување за неа. Само 5-6 души знаевме што ќе се случи на таа сцена.

Супер радио: Позади овој златен медал, веројатно стојат и други успеси?

Неданов: Во 2012 година настапив како јуниор на македонскиот државен бодибилдинг натпревар, каде го освоив првото место. После тоа следеше уште еден натпревар, кој се организираше на плажата „Кадмо“ во Охрид, каде исто го освоив првото место.

dusannedanov2Супер радио: За сето ова да го постигнеш, меѓу другото треба и огромна мотивација. Од каде ја црпиш својата?

Неданов: Мотивацијата е многу важна и без неа нема добри резултати. Мотивацијата за подготовиките ми доаѓа отприлика две недели откако ќе почнам со диетата. Се` дотогаш не знам дали ќе биде или не.

Супер радио: Колку време од денот посветуваш на тренинг?

Неданов: Во периодите кога немам подготовки за некој натпревар вежбам два часа дневно. Но, кога се подготвувам за некој натпревар, тогаш имам по два до три тренинзи дневно, што значи три до четири часа посветувам на тренинг.

Супер радио: Како го доживуваш бодибилдингот, професионално или само како хоби?

Неданов: Сега за сега повеќе како хоби.

Супер радио: Покрај многу истрајност и многу, многу тренинг и исхраната игра важна улога во бодибилдингот? Колку калории дневно им треба на мускули како твоите?

Неданов: Ние билдерите претежно калкулираме со грамови, а не со калории, затоа што секоја калорија не е иста и има врска од каде доаѓа. Кога би пресметал во калории тоа би значело дека мене ми требаат некои 2.200 калории дневно. Од нив 1.000 калории од протеини, 1.000 од јагленихидрати и 200 калории од масти. Не е воопшто тешко да се внимава на внесените калории, но сепак треба многу да се внимава и да се одолее да не се внесуваат премногу калории преку слатки и мрсни нешта.

Супер радио: Кога го засака овој спорт? На која возраст е најдобро да се започне со посериозни тренинзи?

Неданов: Јас започнав со бодибилдинг после прва година од средното образование. Имав период кога имав многу вишок килограми и ми беше јасно дека мора да почнам да вежбам. Сметам дека најдобро време за да се почне со бодибилдинг е периодот на пубертет, но треба да се почне многу постепено, без големи килажи.

Супер радио: Пред крај, што те релаксира и кои се твоите идни планови?

Неданов: Сега за сега немам план за следен натпревар, а акваристиката е она што ме реаксира и опушта. Моето второ хоби кое го правам со исто толку љубов како и бодибилдингот и знам дека кога ќе внесете многу љубов и ентузијазам во нешто, тогаш успехот ќе ве следи.

bistrocorner5Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работенден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес