svetiluka

Свети апостол и евангелист Лука

Охрид, 31. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес православните верници го празнуваат Светиот апостол и евангелист Лука.

Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела. Откако поверува во Господ, Св. Лука беше вбројан меѓу Седумдесеттемина апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на Св. апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните Св. апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година. После мачениката смрт на Св. апостол Павле Свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така Светите апостоли Петар и Павле.

Оттука Свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Мисир. Од Мисир се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслина во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград. (Крај)

извор: МПЦ фото: архива