Избор Македонија

Македонија се сеќава на својот Тоше, денеска ќе имаше 34 лета

Скопје, 25 јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Република Македонија, но и целиот Балкан денеска ќе одбележат 34 години од раѓањето на македонската музичка легенда Тоше Проески.

Во својот краток живот остави ноти и зборови, но најмногу остави надеж дека она човечкото во нас не е изгубено и дека можеме да бидеме едно само ако посакаме.

Остануваат неговата ведрина и насмевка. Што тој навистина значеше за сите нас, почуствувавме дури утрото на 16. октомври 2007. година кога засекогаш го загубивме.

Во организација на Меѓународната фондација „Тоше Проески“, а во чест на неговиот роденден денеска во Спомен домот на Тоше во Крушево ќе се одржи културно-уметничка програма. По истиот повод, а во организација на Црвениот крст на Град Скопје, Градската организација на Црвениот крст од општина Центар, Институтот за трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот по единаесетти пат ќе се одржи крводарителска акција. Акцијата и годинава ќе се одржи во домот на АРМ во периодот од 10:00 до 17:00 часот.

Под покровителство на општина Карпош и во организација на Здужението Власи стопанственици од Македонија „Мандра“ по шести пат се организира традиционален меморијален турнир во мал фудбал во Скопје. Во пресрет на одбележувањето на роденденот на големата македонската и балканска ѕвезда Тоше Проески, Форумот на млади Македонци традиционално организира хуманитарни активности.

На Студентски трг вчера се одржа крводарителската акција во соработка со Институтот за трансфузија на крвта на Србија. Посетителите имаа можност да ја слушаат музиката на Тоше и да донираат средства за НУРДОР, а првите 30 крводарители добија и подароци. Хуманитарните активности во чест на Тоше продолжуваат и денеска за кога е предвидена акција на собирање на помош за децата од прифатилиштето во Белград, во регионалната канцеларија на Националниот совет на Македонците. Во вечерните часови на сплавот ТАГ ќе биде организирана хуманитарна журка со Бајка бендот, Тијана Дапчевиќ и Тамара Тодевска, а собраните средства ќе бидат донирани на НУРДОР.

– Бидејќи Тоше Проески не беше само пејач со ангелски глас, туку и хуманитарец со големо срце, не постои подобар начин да се одбележи ден на неговото раѓање, се вели во соопштението од Форумот на млади Македонци.

Активностите се во организација на Форумот на млади Македонци со помош на Фан клубот на Тоше од Белград, и со поддршка на Фондацијата Тоше Проески од Крушево, Националниот совет на Македонците и Македонската бизнис асоцијација во Србија, преку компаниите Витаминка, Сандеј Колид и Алкалоид.

Тоше Проески е роден во Крушево каде и завршува основното училиште. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музички уметности во Скопје.

На 16-ти октомври 2007 година, Тоше загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка на пат кон Загреб. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука