zabolenigrip

Во Охрид нема евидентирано лица заболени од грип, вакцините се веќе потрошени

Охрид, 2. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Охридскиот Центар за јавно здравје нема евидентирани случаи на лица заболени од грип.

Од средината на минатиот месец кога започна имунизацијата досега се вакцинирале 2900 луѓе од Охрид, Струга, Дебрца,Вевчани, Дебар и Центар Жупа. Со преостанатите 100 дози се вакцинираат лица над 65 години и хронично болни, информира за Супер радио и OhridPress директорот на Центарот за јавно здравје, Сашо Точко.

– Деновиве мобилни екипи на Центарот вршат вакцинирање на лица во нивните домови. Тоа е практично согласно новината која е воведена од оваа сезона лицата кои не се во можност да дојдат овде, со претходно закажување на термин, да бидат посетени во нивните домови и таму да ја примаат вакцината. Ова практично значи дека за оваа сезона веќе се потрошени дозите за имунизација од сезонски грип. Се работи за лица над 65 години, телесни инвалиди и хронично болни лица, рече Точко.

Директорот најави дека за идната година ќе се направат напори за набавка на повеќе дози вакцини, со оглед на тоа што охридскиот Центар опслужува пациенти од шест општини.

Инаку, за оваа сезона Центарот за јавно здравје имаше набавено 3000 вакцини за подрачјето што го покрива, односно Охрид, Струга,Дебрца, Вевчани, Дебар и Центар Жупа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива