tonidzomba1

Ангелески: Луѓето се најважниот ресурс за Супер радио

Охрид, 2. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Луѓето се најважниот ресурс за Супер радио, вели Тони Ангелески, технички реализатор на програмата на Супер радио, кој по повод  јубилејниот 25-ти роденден на радиото, беше денешен гостин во емисијата Радио Корнер со Александра Алексијевска.

Ангелески или Тони Џомба како што го знаат охриѓани напоменува дека слушателите се врзуваат за гласовите и специфичниот стил на музика и така настанува тоа виртуелно нераскинливо пријателство меѓу радио екипата од едната страна и слушателите од другата страна. За тоа како е да си дел од најуспешните, за тоа што го прави радиото уникатно и уште многу други теми прочитајте повеќе во радио-интервјуто за Супер радио.

Супер радио: Што ја прави Супер радио една од најдобрите радио станици во државата? На што се должи континуинтетот и квалитетот на програмата?

Тони Ангелески: Луѓето се најважниот ресурс за Супер радио. Слушателите се врзуваат за гласовите и специфичниот стил на музика и така настанува тоа виртуелно нераскинливо пријателство меѓу нас од едната страна и слушателите од другата страна. Кога постои таа врска, тогаш целта е исполнета. Луѓето кои тоа го почувствувале, се луѓето кои велат дека радиото е најмагичниот формат на медиум. Се` додека го сакаш тоа што го работиш ќе има и квалитет и континуитет, а тоа е и најважното за да се освои, но и да се задржи довербата кај слушателите.

Супер радио: Супер радио креира 24 часовна модерна и динамична радио програма. Колкумина брои екипата која ја создава моментално програмата?

Тони Ангелески: Во моментов сме околу 20 луѓе, креативци. Секој се грижи за одреден аспект на програмата, некој за вестите, за порталите кои функционираат во склоп на Супер радио, некој за музиката, некој за монтажата, за програмите во живо итн. Ако се навратам наназад над 100 луѓе во одреден период биле дел од Супер радио.

tonidzomba2Супер радио: Сведок си на целата Супер радио прикана. Во неа не може да се влезе со партиска книшка, во неа може да се влезе ако се има радиски потенцијал, но веројатно тоа не е доволно. Што друго е потребно за човек да биде дел од Супер радио?

Тони Ангелески: Во радиото секогаш особено се ценела креативноста и уникатноста, како важни карактеристики на оние кои сакаат да се дел од радиото. Треба да се има свој став, да се биде храбар, да се биде прогресивен и нормално да се има големо познавање од музиката. Во радиото се цени и сериозноста кога се работи, но и „несериозноста“ кога сме на пауза. И најважното е да се сака сопствената професија.

Супер радио: Што вели твоето искуство, кои се параметрите за една добра радио емисија?

Тони Ангелески: За една емисија да биде успешна многу важна е комуникацијата на техничарот и водителот. Квалитетната комуниакција меѓу нив секогаш резултира со добра емисија. На пример, со Жанко ЗШ Голабоски, во „Охриде не бери Гајле“, само да се погледнеме се разбираме што треба да следи, дали песна, дали треба џингл или свипер.

Супер радио: Скоро четврт век ја имаш таа привилегија да бидеш човекот „позади стаклото“. Како ти го доживуваш Супер радио?

Тони Ангелески: Наједноставно кажано Супер радио го доживувам како втор дом, пријатно место за работа со прекрасни колеги.

Супер радио: Која емисија има најдолг „стаж“ на Супер радио?

Тони Ангелески: МакТоп 10 се` уште се емитува, а започнавме со таа емисија на крајот на 90-тите. Исто долго во етерот и е Super Radio Clubbing и „Охриде не бери гајле“ со Жанко.

Супер радио: Ќе ни објасниш ли на што се мисли кога најавувате дека ќе слушаме „манско музиче“ на Супер?

Тони Ангелески: Така ги нарекуваме постарите хитови, класиците кои не се комерцијални, а содржат примеси на џез и фанк. James Brown на пример e совршен пример за ваков вид музика.

Супер радио: Ако мора музички да се одлучиш за една декада, помеѓу 80-ти и 90-ти, што би одбрал?

Тони Ангелески: Златните 80-ти сепак повеќе ги преферирам.

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес