Tamaro2

Ристески: Се надевам дека „Тамаро“ ќе биде застапен и во некој од поголемите градови во Македонија

Охрид, 6. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридските „Тамаро“ маркети се профилираат како вистински лидер во својот сегмент во регионот на Охрид и Струга. Со точно дефинирана патека по која се движи развојот на компанијата, со постојано вложување во модернизирање на целиот процес и секако во вработените кои се носечка сила на компанијата.

За успехот на „Тамаро“, за начинот на работа и предизвиците со кои се соочува, мини-интервју со Илија Ристески, одговорен за работата со персоналот во „Тамаро 5“ маркетот во Охрид.

Супер радио: Што конкретно подразбира функцијата која ја извршувате во „Тамаро“ маркетите?

Ристески: Мојата функција во „Тамаро“ е прием на роба, односно задолжен сум да ја контролирам робата која влегува во маркетот, нејзината исправност, колична, квалитет и сл.

Супер радио: Кажете ни нешто повеќе за себе. Колку време сте со тимот на „Тамаро“?

Ристески: На празникот Св. Трифун следната година ќе се полни 3 години како сум член во тимот на „Тамаро“. Мојата приказна започнува есента 2014 година кога останав без работа. Откако ги испразнував сите празници од декември до јануари и се одморив од предходните работи, решив да побарам нова работа. Се пријавив на неколку места, меѓу кои и во „Тамаро“ од каде најбрзо ми излегоа во пресрет и ме повикаа на разговор. На тој свет ден, на 14-ти март 2015 година, како нов член влегов во тимот на „Тамаро“ во кој останав до денес и со голема љубов, труд и задоволство ги извршувам редовните и другите зададени задачи. И да не заборавам да кажам, односно да прецизирам – моето „Тамаро“ е познато по ознаката или бројот 5 – „Тамаро 5“, кој е отворен за купувачите 24 часа.

Супер радио: Да ги запознаеме читателите со еден ваш работен ден. Дали би им препорачале на младите невработени луѓе да се пробаат во оваа тешка, но одговорна работа?

Ристески: Мојот работен ден започнува рано, бидејќи приемот на роба започнува уште од 06:00 часот со прием на лебот, пецивата и јогуртите и продолжува со останатата роба на добавувачите кои предходно ја направиле потребната нарачка на роба за да на крај ни пристигне робата која ја требоваме секој ден од нашиот магацин – АМ. Денот поминува во безброј предизвици, задачи и работни обврски, најразлични ситуации кои со тимска работа ги решаваме и секако на младите би им препорачал да не се плашат да превземат обврска и одговорност, туку да вложат труд и љубов во работата со што на површина ќе ја исфрлат својата креативност и трудољубивост и ќе покажат дека се вредни и работливи што сигурно ќе им донесе добри резултати и позитивни моменти за нив.

Супер радио: Компанијата „Тамаро“ е веќе добро позната во јавноста во овој регион на државата. Дали според Вас е предност да се работи во вака голема компанија?

Ристески: Да, секако дека е предност да се работи во една ваква голема компанија и тоа од многу аспекти. Голема компанија како „Тамаро“ дава сигурност која е многу потребна, стабилност во живеењето, а чувството и задоволството кога ќе го изговорите името на успешна и голема компанија во која работите е посебно.

Супер радио: Дали Ви останува доволно време за семејството и пријателите. Може ли со правилно распоредување на времето се` да се стигне?

Ристески: Да, за времето поминато на работа се знае. Со почнување на работата се знаат работните задачи, претежно тоа се секојдневни обврски со што и распоредувањето на времето за нивно завршување е веќе дефинирано. Другото време го посветувам на семејството, пријателите и слободни активности. Има време за се`.

Супер радио: Каде ја гледате „Тамаро“ како компанија за 5 години. Како според Вас ќе се развива истата?

Ристески: Според темпото, резултатите и реалноста, досега не има 9 на број само маркети, а еден е надвор од нашата општина. Искрено се надевам и посакувам нашиот бренд „Тамаро“ ќе биде застапен и во некој од поголемите градови во Македонија. Не само да се слуша и зборува, туку и да го има и да се почувствува предноста на неговото постоење. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес