meri5

Бајрамовска: Makeup by Meri е синоним за автентичен, авангарден makeup artist

Охрид, 9. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Веќе 5 години во Охрид работи Makeup by Meri, синоним за автентичен, авангарден makeup artist кој диктира урбан и препознатлив моден правец во шминкањето, секогаш во чекор со најсвежите модни трендови.

Повеќе за Makeup by Meri со Мери Бајрамовска, нашата сограѓанка која стои зад овој бренд.

Супер радио: Зад Вас се веќе полни 5 години како расте брендот Makeup by Meri. Поминаа многу брзо или?

Мери: Кога ќе размислам подобро, последниот кармин од несесерот со шминки секогаш го трошиме најбрзо, исто како што од раце ги испуштаме најлесно последните шанси, последните години или моменти од нашиот живот. Овие пет години поминаа многу бргу, но секогаш имам на памет дека патот до местото каде што може да се купи нов кармин, иако можеби е долг и напорен, ќе се трудам да го изодам, бидејќи секој може да стекне кондиција, секој може да се движи, ако нема сила, може да ползи, но никогаш не смее да застане на патот и да тапка во место.

Супер радио: Кој се крие зад овој бренд? Охриѓанки веќе Ве знаат многу добро, но сепак, кажи ни нешто повеќе за себе.

Мери: Секогаш е подобро која другите зборуваат за нас, но сепак ќе се обидам да се опишам во кратки црти. Мери Бајрамовска е жена, сопруга и мајка на две прекрасни деца, која има визија и стратегија да твори, создава и да ги мотивира другите луѓе, лидер во својата фела, пожртвувана, чесна, која знае да креира вредности, посветена во својата професија и која не штеди ни време ни енергија за да стигне до целта. Makeup by Meri е синоним за автентичен, авангарден makeup artist кој диктира урбан и препознатлив моден правец во шминкањето, секогаш во чекор со најсвежите модни трендови, пренасочувајќи ги светските модни текови на шминката кон македонскиот пазар, дисциплинирана и одговорна во својата работа.

Супер радио: Семејство, сопруг, работа, пријатели. Има ли време Мери за сето тоа да го искомбинира?

Мери: Успешна жена треба да знае да менаџира, како професионално, така и приватно. Да биде лидер на работното место, но да биде и добра сопруга, мајка, снаа, ќерка, другар и пријател. Без сето ова не би била целосно успешна. Цело е само кога има се`. Семејството е основна клетка на животот и без него и неговата поддршка не би била комплетно реализирана и среќна. Особено сум горда на моето прекрасно семејство. Имам прекрасен сопруг кој ме поддржува сите години наназад и имам голема помош од синот и ќерката. За мене вистински празник е времето што го минувам со моето семејство.

Супер радио: Она по што сте познати се секако и светските брендови кои ги користите при работата. За кои марки станува збор?

Мери: Не е доволна само моќта на дланките, туку и квалитетот на поизводите со кои се шминкате. Во мојот салон за убавина ќе бидете услужени со најреномираните брендови кои имаат репутација за иновации, софистицираност и супериорен квалитет, на ниво на престиж и ултра премиум луксуз: M.A.C. – Urban Decay – Estée Lauder – Bobbie Brown – Make Up For Ever – Sephora – Lancôme. Anastasia Beverly Hills, Huda Beauty, Тhe Balm Cosmetics, Iconic London и многу други брендови кои се синоним во целиот свет каде шминката претставува уметност, со талентирани уметници кои имаат стил, чија елеганција ги краси страниците на сите водечки списанија и со кои се достигнува врвот во козметичката уметност. Токму затоа одбрав да работам со високо квалитетни фирми, бидејќи сметам дека секоја жена го заслужува најдоброто.

Супер радио: Препознатливи сте и по присуството на социјалните мрежи. Убави фотографии, но и видеа често можат да се видат на вашите профили. Ја следите ли оваа технологија и дали лесно стигнувате до клиентите?

Мери: Се` повеќе интернетот станува неизбежен дел од нашето секојдневие и нашите животи. Понекогаш сите информации околу нас се црпат само од интернетот и социјалните мрежи. Многу важно е тоа што, преку новите интернет медиуми се нудат најбрзи, најточни и најсигурни информации, од каде клиентите можат сами да ги донесуваат заклучоците кои се од клучно значење за шминкањето. Социјалните мрежи создадоа т.н. глобален интернет јазик со кој комуницираат и можат да се разберат луѓето од целиот свет. Јас ја следам оваа технологија бидејќи сметам дека она што ги прави социјалните мрежни сајтови уникатни е тоа што им овозможуваат на корисниците да ги артикулираат и да направат сами видлива разлика за работата од „шминкер“ до шминкер.

Супер радио: Забележливо беше и вашето присуство на дел од поголемите светски медиуми. Како стигна гласот за Вас до нив и како Ве забележаа?

Мери: Не за џабе се рекло дека убавиот глас надалеку се слуша. Ја имав таа привилегија за мене да пишуваат светски реномирани медиумски куќи како што се: Daily Mail, Cosmopolitan, Bild.de, Glamour Paris, а моите видеа беа прикажани и на неколку телевизии, меѓу кои и турската Tv8. Моите мејкап трансформации денес се сензација на социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук, а дел од нив станаа вирални.

Супер радио: Што би им препорачале на младите дами во аспект на шминкањето. Кои стилови ќе се модерни оваа сезона?

Мери: Ќе им препорачам да бидат во тренд и оваа есен, како со модните комбинации, така и со трендовите за шминкање. Ова се 5 трендови кои ќе преовладуваат во наредните студени денови:

Бордо усни
Бордо усни се одличен избор за есенскиот период. Тие оставаат мистериозен и романтичен впечаток, а ќе направат да изгледате неодоливо и секси.

Нежен туш на очите
За сите оние кои преферираат природен изглед, одличен избор се проѕирниот и нежен сјај за усни и тенко нанесена и прецизна линија над капакот на очите. Шармирајте со вашата природна убавина.

Жолта сенка
Делува есенски, но и разиграно! Поиграјте си со боите од природата, како жолтата или зелената. Употребете сенка за очи во некоја од овие бои, но не нанесувајте ја премногу нападно. Користете само сенка и маскара, доколку сакате вашите очи да дојдат до израз. Доколку овие бои се премногу светли за вас, одберете друга нијанса, како маслинеста зелена или окер.

Smokey eyes на поинаков начин
Ваквиот изглед совршено ќе одговара за романтичен состанок или вечера. Доколку сакате да експериментирате со шминкањето и не се плашите од туѓите погледи, ова е вистинскиот избор за вас! Се работи за техниката smokey eyes со мали промени, со тоа што по желба на очните капаци можете да додадете некоја друга и пожива боја на сенка врз црната сенка, а под окото да ја издолжите црната линија. Со тоа ќе ја разбиете монотонијата, ќе го намалите црнилото и ќе го создадете совршениот баланс помеѓу боите!

Сјаен изглед
Помеѓу најновите трендови на шминкање се наоѓа и сјајниот изглед на лицето. Одржувајте го лицето хидрирано и користете масла и креми за да го одржите ваквиот изглед. Доколку сакате посветкав изглед, додадете златна сенка на очите. Сјајниот изглед на лицето овозможува да изгледате свежо, природно, а истовремено и гламурозно!

Супер радио: Живееме во прекрасен град. Дали Охрид како симбол на нешто убаво е инспирација за Вас и од што друго најчесто се инспирирате?

Мери: Убавината си бара убавина. Охрид е инспирација за сите уметници во светот, така и за мене како makeup artist е од голема важност што живеам во толку многу инспиративна средина која секако има влијае врз начинот на мојата работа.

Супер радио: Кои се Вашите идни планови. Ќе се проширува ли Makeup by Meri како бренд?

Мери: Во однос на моите идни планови можам да кажам дека ќе продолжам да се подобрувам и да овозможувам услуги на што е можно повисоко ниво. Ќе се залагам да ги задоволам стандардите на најдобрите шминкери во светски рамки. Мојот досегашен успех е резултат на стручност, иновации искреност кон своите кленти, самокритичност и стабилна платформа за понатамошен развој. Ќе продолжам во досегашен дух со постојано воведување на иновации во полето на шминката, надоградувајќи ги своите познавања. Верувам дека како бренд сме предодредени за успех, но секогаш сме и самокритични. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива