stipendii_slika_640x360

Министерството за образование го распиша конкурсот за стипендирање студенти

Скопје, 10. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука денеска го објави конкурсот за доделување студентски стипендии во академската 2017/2018 година.

Предвидени се вкупно 2890 стипендии за редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјава.

Согласно конкурсот, 1500 стипендии се наменети за студенти од социјални категории, како и 630 за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето.

За студентите запишани на студиските програми по информатика ќе бидат доделени 125 стипендии. 530 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските факултети и кои постигнале просечен успех од првата до тековно запишаната студиска година најмалку 7.00.

Стипендиите се поделени во три групи. Во првата група се стипендиите за студенти од социјални категории и висината на истата ќе изнесува 3.300 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

Висината на стипендијата за втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето и кои постигнале просечен успех од првата до тековно запишаната студиска година на техничките факултети и медицинските науки од најмалку 8.50, а за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите да имаат постигнато од најмалку 9.00 просечен успех ќе изнесува 4.400 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.
Студенти од оваа група кои постигнале особено висок успех во учењето од најмалку 9.00 на студиските програми по информатика, девет месеци ќе добиваат по 6.050 денари.

Висината на стипендијата за трета група – стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки изнесува 3.300 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година. Стипендијата за студенти запишани на студиски програми по хемија, физика и математика ќе изнесува 18.000 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.
Студентот кој конкурирал за два или повеќе групи на стипендии и ги исполнил условите за добивање, му се доделува стипендијата според приоритетот кој го направил во евидентниот лист.

Аплицирањето за стипендија се прави со пополнување на електронска пријава на порталот konkursi.mon.gov.mk, заклучно со 20-ти ноември. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива