Italia

Шок во Милано,Италија не оди на СП првпат од 1958 година

Милано, 14. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Молк и солзи на „Сан Сиро“! Италија е во шок! Првпат од 1958 година, италијанската фудбалска репрезентација, носител на четири светски титули нема да биде на Мундијалот, откако во реваншот против Шведска не успеаја да го „скршат“ отпорот на „викинзите“ одигрувајќи 0:0, за да се елиминирани со вкупен резултат 0:1.

Сè беше подготвено за колективна воздишка во Италија. „Сан Сиро“ исполнет до последното место, фубалерите со гласно пеење на химната, меѓутоа на теренот „аѕурите“ едноставно не направија доволно да ги „пробијат“ солидните Швеѓани, кои ќе го заземат нивното место на СП во Русија.

Италијанците започнаа под императивот победа, и уште на стартот трипати во офсајд се најде Чиро Имобиле во напаѓачкиот старт на „аѕурите“. Алесандро Флоренци се обиде со удар од работ на шестнасетникот во 6-тата минута, но топката помина покрај левиот дирек.

Првото полувреме го одбележи и шпанскиот судија Антонио Матеу, кој додели четири жолти картони, а со чист образ можеше да досуди и три пенали – еден за Италија и два за гостите. Во 9. минута Лудвиг Аугустинсон имаше непријатен старт над Марко Паоло, а во 13. минута од другата страна, Ола Тоивонен ја шутна топката во раката на Кјелини. Во 29. минута, по нафрлувањето на Форсберг, топката удира во раката на Андреа Барѕаљи и Швеѓаните повторно протестираат, а Форсберг добива жолт картон за допирање на судијата.

На стартот на второто полувреме Италијанците почнаа уште посиловито, во директен напад на шведскиот гол. Во 54-тата минута по нафрлањето Флоренци атрактивно удира, но топката поминува само покрај голот.

Во 58. минута, постојаниот напад на голот на Шведска го искористи нововлезениот Исак Кисе Телин, кој се најде во добра позиција, но млако шутираше кон Буфон.

Ел Шарави во 87. минута ја имаше можеби најдобрата шанса во целиот натпревар, кога шутираше на левата страна, пред Робин Олсен да одбрани со одлична интервенција. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива