ristomalezan1

Малезан: Вистинска фотографија е само испечатената

Охрид, 16. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Фотографијата е редовен дел од најзначајните моменти од животот, сведочи за минатото и ги обновува сеќавањата. Отпечатената фотографија е нешто што остава печат за одредено време, нешто што останува за спомен и сеќавање на најубавите моменти.

Од 50-те години на минатиот век, во Охрид работи фото студиото „Рекс“. Го основал Ристо Малезан, а по неговите стапки тргнаа неговата ќерка Марија и внукот Ристо. Токму со внукот Ристо разговаравме за неговите почетоци, љубовта кон фотографијата, за старото наспроти модерното време и новите технологии.

Супер радио: Потекнуваш од семејство кое долги години се занимава со фотографирање. Збор два околу почетоците, историјатот на вашата дејност.

Малезан: Фото студио „Рекс“ работи од 1958 годинa. Го оформи мојот дедо Ристо Малезан, а јас, освен што го наследив името, ги следам и неговите стапки во фотографскиот занает. Тој во тајните на фотографирањето ја вовел мојата мајка Марија, како човек што ќе го продолжи неговиот занает. Па, еве веќе јас сум трета генерација фотограф во семејството. Кога дедо ми започнал со работа, посебно било атрактивно сликањето на холандските туристи кои го посетувале Охрид. Тој го знаеше холандскиот и германскиот јазик, што многу му помогна во комуникацијата со нив. Од една страна им помогна на странците да ги зачуваат тие спомени од Охрид, а од друга страна, со сликите од неговиот објектив тој се вложи и во фото историјата на Охрид.

Супер радио: Ти сега продолжуваш да ја пишуваш таа успешна приказна. Каков беше твојот прв контакт со фотоапаратот?

Малезан: Уште како мал се играв со играчки – апарати за сликање. Потоа, мајка ми ќе ми дадеше и вистински фотоапарат. Ќе сликав природа, куќи и други објекти. Некогаш, тие мои аматерски дела беа успешни, некогаш ќе се случеше и да го осветлам филмот. Но, сето тоа беше влог во моето усовршување. Често пати се случуваше мајка ми да ме земе со неа на свадбите каде што снимаше и сликаше. Сега, кога навлегов во тајните на занаетот, со мојата мајка сме како еден тим, заедно фотографираме и снимаме.

ristomalezan2Супер радио: На што досега имаш работено и кој вид фотографии се твоја специјалност?

Малезан: Сум работел на најразлични проекти, снимање на семинари, патронати, концерти и други случувања. Но, најмногу мајсторство сум нашол во свадбената кинематографија и фотографија. Иако, некој ќе рече дека сум многу млад, имам само 19 години, но, најдобро можат да ме оценат, да го видат квалитетот на мојата работа преку она што имам сработено. Делата зборуваат најгласно од се`. Стилот ми е природен. Сакам да кажам дека немам ништо против Фотошоп единствено го користам кога треба да се ретушира ликот. Важно ми е да ја направам самата слика уште во апаратот, значи пред да се материјализира да нема потреба од многу интервенции на истата. Мислам дека ако еден фотограф успее да се усоврши во свадбените фотографии, што воопшто не е така едноставно како што изгледа, тогаш ќе биде добар и фотографирање на се` останато.

Супер радио: Времињата се менуваат, постојано има новитети во оваа област, па сигурно, освен она што го имаш научено од твоите дедо и мајка, имаш посетувано обуки, семинари и слично?

Малезан: Токму така, важно е човек постојано да учи нешто ново. Сум бил на семинари во Шведска, Унгарија, Романија и на други места. Тука посебно ќе го истакнам семинарот во Будимпешта. Големо влијание и мој ментор беше еден од топ пет најдобри свадбени фотографи во светот. Бев со него, учев од него и се запознав со една прекрасна личност која остави големи импресии на мене. Секогаш кога ќе одам на фотографирање, пред мене се фотографиите и  зборовите со кои ме учеше и секогаш кога немам инспирација си велам што би направил тој сега овде во овој момент. Мислам дека со тоа што го научив од него ќе го подигнам квалитетот на фотографирање на свадби.

Супер радио: Твоја специјалност се свадбените фотографии. Има ли разлика во стилот на фотографирање порано и денес?

Малезанов: Порано стилот беше многу класичен, самиот објект што се фотографира или снима, еве да земеме на пример невеста, беше прикажана можеби не во најдобро светло. Денес, кога снимаме свадба, не настојуваме кај младенците да мора да направат нешто како по шаблон за фотосесија. Нудиме еден послободен пристап, одиме по желбите на парот, секако им даваме и сугестии од наша страна доколку сакаат да ги прифатат. Некои дури и немаат конкретна замисла, туку оставаат на нашата инвентивност и креативност да го извлечеме најдоброто од нив.

Супер радио: Живееме во модерно време каде фотографираме и со мобилните телефони и нашите спомени остануваат на мемориската картичка или во компјутерот, а ретки се случаите некоја од тие слики да ја отпечатиме. Што според тебе има поголема вредност – ваквите би рекле виртуелни фотки или отпечатена фотографија?

Малезан: Вистинската фотографија за мене е само кога е испечатена. Чувството кога ќе гледате материјална односно отпечатена слика, таа магија едноставно не се опишува. Тука сликата најмногу доаѓа до израз. Апаратот е како играчка, без разлика дали е со филм или е од денешните современи дигитални апарати. Зависно кој во што ужива. Тука воопшто е неважно дали е од апарат со филм или од дигитален. Важно е да е фотографијата отпечатена. На пример сега снимаме една свадба, младенците сликите ги добиваат на CD. Но, тие не се физичка вредност и многу лесно поради некој проблем може да се избришат и едноставно во еден миг да исчезнат спомените. А испечатената слика останува засекогаш. Ние инсистираме да се изработи свадбена книга или албум со најубавите слики од младиот пар, бидејки тоа е единствениот спомен од еден прекрасен ден во нивниот живот. И не мора тоа да е свадба, па што вели народот „да развиеме слика“. Може да станува збор и за слики од одмор, прослава на Нова година, роденден, празници… Сосема е поинаку кога сликата е отпечатена. Самото чувство, енергијата е многу поинаква кога на пријателите или гостите ќе им го отворите албумот со отпечатени фотографии, албум кој ќе трае засекогаш.

Повеќе за фотографиите на Малезан на официјалната веб страна на фото студиото „Рекс“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Ристо Малезан/ОхридПрес