??????????

Ратко Младиќ осуден на доживотен затвор

Хаг, 22. ноември2 017 (ОХРИДПРЕС) – По речиси четири години судски процес, Хашкиот трибунал пресече-доживотен затвор за поранешниот генерал на босанските Срби, Ратко Младиќ. Пред одлуката, тој остро реагираше дека обвиненијата се лажни. Беше отстранет и од судницата.

Тензично во судницата, инциденти пред трибуналот. Покрај членовите на неговиот правен тим и семејството, читањето на одлуката го следеа во Хаг и многу босански државјани и припадници во здруженијата на жртвите и затворениците од  Југословенската војна.

– 20 години се водеше медиумска кампања и политички притисок за овој случај. Овој суд докажа дека не е објективен. Ние сме подготвени за двете сценарија, и загрижени сме, изјави Дарко Младиќ, син на Ратко Младиќ.

– Денеска се затвора важно поглавје во мојот живот. Ние заслужуваме правда, а најголемиот злосторник по Втората светска војна заслужува најголема казна, изјави Бакира Хасечиќ, претседател на „Жена- жртва на војната“.

По 16-годишно бегство, Младиќ беше уапсен во мај во 2011-та година во селото Лазарево, северно од Белград. Најсериозното обвинение против него е покренато поради масакрот и масовните егзекуции во Сребреница, која беше енклава под заштита на Обединетите Нации, каде што за неколку дена беа ликивидирани над 7.000 луѓе.

– Пред камерите, Младиќ им даваше чоколади на децата и нѐ убедуваше дека ништо нема да се случи. Кога заминаа, нареди да се убие, силува и протера секој од Сребреница за да направи етнички чист град. Босна и Херцеговина треба да доживее помирување со коректна и праведна пресуда, изјави Мунира Шубашиќ, претседател на Здружението на мајките од Сребреница.

По 24 години од формирањето, Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија ќе престане со работа до декември. Преостанатите постапки по жалбите, ревизиите и извршувањето на казни ги презема Механизмот за кривични судови. (Крај)

извор: МТВ фото: архива