avionkanal1

Во Охридското Езеро ќе се потопи стар авион како подводна атракција за туристите?!

Охрид, 26. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во насока на развивање на туризмот, а по примерот на некои земји во светот, и во Охрид се размислува за нови подводни туристички атракции. Во таа насока се планира да се потопи еден стар брод и авион на дното на Охридското Езеро.

Прво ќе биде потопен еден стар воен авион од бивша ЈНА, кој нуркачки клуб „Амфора“ го доби донација, јави Република. За овој ексклузивен настан се чека уште согласноста од министерство за животна средина.

avionkanal2– Потребно е да се процени дали неговата конструкција ќе биде закана за екологијата. Треба да бидат отстранети сите негови делови од кои што може да излезе некаква течност, што е составен дел од системот на авионот или бродот, и тој како таков може да се потопи во езерото и нема да смета никому, вели капетанот Горан Устијаноски, раководител на Капетанија на пристаништа.

Супер радио и OhridPress уште во март минатата година излегоа со сличен предлог, односно да се искористи авионот кој се наоѓа од десната страна на каналот, на делот кон Центарот за обука на вода на АРМ во Охрид. Станува збор за постаро воено летало, кое по линиите најмногу наликува на воен авион од типот North American F-86 Sabre, нарекуван и Sabrejet, кој порано ја красеше охридската касарна.

– Наместо да скапува на брегот, една скромна идеја од Супер радио и OhridPress. Нека се исчисти од сите масла (доколку ги има), растворливи бои (доколку ги има), сето тоа нека го проверат дека е прифатливо за околината од надлежните институции и екологисти, и нека се потопи на одредена неатрактивна локација на езерото, за да се направи вештачка атракција. Вакви примери имаме повеќе во светот и сето тоа значително придонесло во развивањето на туризмот, посебно на нуркачкиот, кој секоја година е се` попопуларен во Охрид, предложивме како редакција во март минатата година.

Атракција би бил и потопен брод, најверојатно еден од петте кои со години скапуваат во езерото. Најголемо внимание привлекува бродот „Илинден“, кој после потонувањето со бугарските туристи осум години стои вкотвен во каналот „Студенчишта“. Бродот е вратен на сопствениците, но до овој момент не се знае неговата судбина. Може повторно да заплови, може да оди на суво или да биде потопен.

– Тонеле многу бродови и истите се оспособувале. И „Коста Конкордија“ денес повторно крстари по сите мориња и океани. При тонење на брод се прават специјални елаборати и проекти. Меѓутоа до овој момент нема интерес за такво нешто, вели Устијаноски.

Пред две години нуркачите од „Амфора“ во близина на Поградец пронајдоа остатоци од потонат англиски авион од Втората светска војна на дното на Охридското езеро. Пронајдени се и неколку потонати бродови во струшко. (Крај)

извор: Република/ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива