Избор Култура

Промоција на збирката поезија „Слики од бунарот“ од Марина Икономова Шокева

Охрид, 29. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, во кафе барот Shilla во Охрид ќе се одржи промоција на збирката поезија „Слики од бунарот“ од Марина Икономова Шокева.

„Слики од бунарот“ се четириесет песни од интимен емоционален карактер, дебитанско дело на авторот кое е плод на 20 годишно искуство и љубов кон поезијата. На промоцијата ќе се чита поезија од збирката, а авторката ќе потпишува и подари примероци од истата. Воведен говор ќе одржи охридскиот писател и поет Тоде Илиевски кој вели:

– Очигледно е дека Марина Шокева донесува поезија која е далеку од почетништвото на првите објави, односно дека стиховите минале низ процесот на зреење и преиспитување. Меѓу она што е забележливо се вбројува и изворноста на поетесата, што значи обид за оформување и одбележување на сопствен поетски ракопис и простор.

Марина Икономова Шокева е родена 26.11.1966 година во Битола. Дипломирала на катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и работи како професор во Охрид.

Престојната промоција е уште еден во низата квалитетни културни настани организирани во Shilla, како концептуален кафе бар и своевидна алтернативна арт сцена во Охрид. Од таму најавуваат слични содржини и во иднина во насока на поддршка и промоција на уметноста и културата и ги охрабруваат креативците од сите сфери да ги контактираат во врска со промоција на нивниот труд. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука