sobranienamakedonija

Притвор за пет лица, Собранието ќе се изјасни за одземање на имунитетот на шест пратеници

Скопје, 29. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања се очекува денеска да расправа за барањето на Кривичниот суд за одземање на имунитетот за шестмина пратеници, кои обвинителството ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а во врска со насилствата во Собранието на 27-ми април годинава.

Барањата од судот вчера се пристигнати во Собранието, но се чекаше на претседателот на Парламентот Талат Џафери да се врати од патувањето во Шведска. Според собранискиот деловник, Џафери треба га проследи барањата до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски, кој треба да закаже седница на која треба да се одлучува по нив. Богоевски вчера најави дека седница ќе закаже веднаш штом го добие известувањето од претседателот на Парламент.

Неколкумина пратеници се меѓу 36 лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија. Полицијата по наредба на ЈО вчера утро го приведе поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

Освен него, беа приведени и пратениците кои ги отворија вратите на Собранието, како и дел од организаторите на протестите, Крсто Муковски, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска, како и поранешниот директор на МОБ Игор Дурловски, актерите Владо Јовановски и Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Горан Ангелов Ќосето кои се само дел од приведените. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираше дека е отворена истражна постапка против 36 лица вмешани во крвавите настани од упадот во законодавниот дом.

– По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, ОЈО за гонење организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 36 лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик, наведе ОЈО.

Чавков за време на настаните во април раководеше со оперативниот штаб на МВР. Од пониските структури од МВР тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратеници и новинари.

Најмалку десет години затвор предвидува член 313 од Кривичниот законик на РМ за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”. Судски извори посочуваат дека е потребно да заврши сослушувањето на сите 36 лица за да се соопштат натамошните мерки, но доколку сите 36 не бидат изведени пред судот тогаш судските власти ќе одлучат како ќе постапат во однос на одредување на натамошните мерки. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски оцени дека приведувањето на лицата за насилствата во Собранието на 27 април е политички прогон и побара нивно итно ослободување.

– Ова е последниот чин на пресметка со слободно мислечкиот Македонец и граѓаните кои се одважија да кажат став за разградувањете на државата против тиранската платформа, а против насилието на власта. Против секој кој мисли македонски и се грижи за националните интереси. Во прашање е државата. Ова не е правда, веќе законите и Уставот не важат, ова е заробена држава, рече Груевски.

На негов повик вчера попладне пред судот почна протест, на кој се собраа околу 150 лица, кои мирно протестираа, извикувајќи „Македонија, Македонија” и „Слобода, слобода” и бараат судот да ги ослободи приведените.
Имаше помали инциденти со новинарски екипи. Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во синоќешното обраќање до јавноста порача оти треба да има одговорност за немилите настани од 27 април, но како што кажа, одговорноста не смее да се генерализира, мора да се почитуваат човековите права и презумпцијата на невиност, и да се внимава на квалификациите на кривичните дела.

– Ја поддржував и сега ја поддржувам граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија” која повеќе од два и пол месеци, на мирен и достоинствен начин ја искажуваше грижата за националните интереси на Република Македонија. Граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација, истакна Иванов.

Претседателот Иванов, ноќеска во неговиот кабинет одржа средба со премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тема на разговор, како што соопшти кабинетот на Иванов, беа актуелните случувања и можните решенија за излез од актуелната состојба на напнатост во државата што предизвикува загриженост кај граѓаните.

– Целта на средбата беше да се поттикне помирување и нормализирање на политичките процеси во Република Македонија Присутните на средбата се согласија разговорите да продолжат и во иднина, стои во соопштението.

Во меѓувреме, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, донесе решенија со кои за О.П., О.Р., И.Д., М.П. и М.Ч. го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена. За лицата Е.Б. и С.М., судијата не го прифати предлогот за определување мерка притвор, а како мерка за обезбедување присуство им определи мерка куќен притвор.

За останатите лица, за кои се уште не е завршено сослушувањето, по донесенорешение на судија на претходна постапка во однос на предлогот на обвинителството, јавноста ќе биде информирана денеска преку соопштение. (Крај)

извор: МИА фото: архива