bimilkohrid

Работилница во градинката „Јасна Ристеска“ во рамките на проектот „Собираме и ре-креираме со Бимилк“

Охрид, 30. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со многу игра, смеа, забава и сала полна радост и насмевки од дечињата од градинката „Јасна Ристеска“, се одржа првата едукативна и креативна работилница во Охрид во рамки на проектот „Собираме и ре-креираме со Бимилк“.

Главната улога во работилницата ја имаше омилениот лик на Битолското Чупе, која низ игра и песна ги забавуваше дечињата, но и на креативен и интерактивен начин ги учеше за важноста од зачувување на животната средина и стекнување здрави навики уште од најрана возраст.

Работилницата се одржа во клонот „Развигорче“ на градинката во присуство на повеќе од 150 дечиња, кои во претходниов период собираа празни амбалажи од Битолско млеко и од нив понатаму изработуваа разни корисни предмети, со цел уште од мали години да стекнат навики за грижа за природата.

– Денес и официјално започнуваме со проектот „Собираме и ре-креираме со Бимилк“, односно со реализација на работилниците на терен. Градинката „Јасна Ристеска“ каде што сме денес е всушност првата градинка која учествува во проектот и среќни сме што токму градот Охрид е наш домаќин за почеток на овој голем хуманитарен проект, а уште посреќни сме што успеавме заедно со Битолското Чупе малку да им го разубавиме денот на овие дечиња, велат од Бимилк.

Ова беше првата од вкупно 12 работилници кои во текот на декември ќе се одржуваат ширум Македонија, а во целиот проект се вклучени близу 2.000 деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива