barmen

Неформалното образование важно за подобрување на квалитетот на квалификуваните кадри во угостителството

Охрид, 30. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 221 бармени, готвачи, пекари и професионални келнери од Македонија, Албанија и од Косово  во Охрид им беа врачени дипломи односно сертификати за завршена обука во односните области во рамки на проектот „Поттикнување на вработливоста во туристичкиот сектор“ реализиран со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка „GIZ“.

Бенџамин Мор од „GIZ“ појасни дека станува збор за активност насочена кон отварање можности за вработување на кадри од областа на угостителството преку неформални програми за квалификација и обука, како и финансиска поддршка за започнување и проширување на мали бизниси.

– Туризмот е една од најбрзо растечките гранки во економијата, што поседува голем потенцијал во отворањето нови работни места, особено во руралните средини. Германија го препозна потенцијалот во развојот на авантуристичкиот и планинскиот туризам и оттаму нашата цел да ги поддржиме руралните средини во Југоисточна Европа и на тој начин да овозможиме извор на приходи и работни места токму во послабо развиените средини, истакна Мор.

Забележа дека генерално во Македонија угостителите тешко наоѓаат квалитетен кадар кој е особено дефицитарен за време на главната туристичката сезона, како и оти недостасува професионален кадар на кој услужната дејност во угостителството му е основен извор на егзистенција.

– Ние сме насочени кон оној професионален дел од угостителската дејност односно кон кадрите на кои тоа им е основна дејност односно кои преку тие услуги обезбедуваат егзистенција, рече Мор, нагласувајќи дека независно релативно ниските примања на одреден дел од угостителските работници, мора да се работи на обезбедување перспектива за напредување во работата и на тој начин нивна поголема професионализација и квалитет како предуслов за повисоки примања.

Обуката на кадрите од угостителската дејност ги спроведе Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, со тренери и обучувачи со меѓународно искуство и најчесто се повратници од странство.

Професорката д-р Ангела Крстаноска – Василеска од Факултетот за туризам во Охрид ја нагласи важноста на неформалното образование во насока на подобрување на квалитетот на квалификуваните кадри, особено во угостителската индустрија.

– Истражувањата покажуваат дека најголем дефицит во кадри постои токму во секторот услуги во угостителството. На обуките спроведени во Тетово и Охрид кандидатите се стекнаа со вештини што ќе им помогнат во брз период да се позиционираат на пазарот на труд, рече Крстаноска – Василеска.

Укажа на постоечкиот дисбаланс меѓу формалното образование односно креирањето кадри и конкретните потреби на пазарот на труд во угостителството.

– Од една страна формалното образование создава кадри кои се премногу теоретски подготвени, а на кои им недостасува практично искуство, додека од друга страна работодавците не вложуваат доволно во сопствените кадри, во својот работен капитал, забележа Крстаноска – Василеска.

Во рамки на завршните активности се одржа и панел дискусија „Човечките ресурси како клучен фактор за успешна туристичка понуда“. (Крај)

извор: МИА фото: архива