vodacesma

Обилниот дожд повторно ја замати струшката вода, издадена забрана за пиење

Струга, 1. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Поради обилните врнежи од дожд кои денес го зафатија подрачјето на Охрид и Струга, дојде до нарушување на квалитетот на водата за пиење од градскиот водовод во Струга, по однос на параметарот матност, информираат од Центарот за јавно здравје Охрид.

Од извршените мерења на водата за пиење од градскиот водовод во Струга, од страна на екипи на Центар, констатирана е зголемена матност во водата за пиење, со вредности значително поголеми од законски пропишаните.

Поради тоа и согласно Законот за безбедност на вода, водата од градскиот водовод во Струга и селата кои се приклучени на градската водоводна мрежа не е здравствено безбедна и истата не треба да се користи за пиење.

Согласно процедурите, известени се надлежните институции и соодветните инспекциски служби за натамошно постапување.

Ваква ситуација, со голема матност на водата од струшиот водовод имаше и кон средината на минатиот месец. Според тој параметар и според пропишаниот правилник за безбедност на водата за пиење, беше забележана 3-4 пати поголема матност на водата од дозволената, која изнесува 1,5 ntu (нефелометриски единици на заматеност). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива