nikolagruevskiopsta

Груевски: Ќе поднесам оставка пред органите на ВМРО-ДПМНЕ

Скопје, 1. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за порталот Курир најавува дека ќе поднесе оставка од лидерската позиција пред партиските органи.

– Јас вечерта после првиот круг на изборите кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Потоа во телевизиско интервју појаснив дека секогаш во еден тим кој се натпреварува, било политички, спортски, бизнис или слично, најголемата одговорност по дефиниција ја носи првиот човек. Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка. Партијата, согласно статутот ќе оргазнизира вонреден конгрес, на кој освен извештајот за анализта на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го мислев и тогаш на 15-ти октомври вечерта, но заради актуелноста на изборите го кажав со политички речник. Тоа го мислам и сега, и бидејќи двата круга на изборите поминаа, емоциите од кампањата стивнаа, и  можам да го кажам и најдиректно и понепосредно. Овој чекор е дел од моите основни принципи и вредности. Покрај ова се надевам дека тоа ќе помогне и во разрешувањето на целокупната полтичка атмосфера, вели Груевски.

Тој истакнува дека за анализата веројатно ќе треба уште недела до две, но оставката, нагласува лидерот на ДПМНЕ, не мора да е поврзана со нејзиното завршување. (Крај)

извор: Курир фото: архива