ohridkocki

Охрид има супер луѓе, само погрешно се распоредени!

За Охридцките работи
Бр. сл. 024/12/2017
Охрид, 05. декември 2017 година

Го знаете сигурно вицот за тој што имал супер црти на лицето, ама за жал лошо му биле распоредени… И во Охрид има супер луѓе, ама се таксисти, продавачи во маркети, живеат во Канада, САД, Швајцарија…

Во меѓувреме, бидна уште едно „чудо“. Поминаа четири (и кусур) години и ајде сега повторно се` одново. А како вчера да беше кога казнувавме едни за да дојдат други. Со животот и делото на тие што заминаа нема да се занимаваме, особено не сега на крајот. Се` што имавме им кажавме на половина од мандатот, кога беа најмоќни.

Во Охридчо мој се случија сериозни промени. За многумина беа изненадување (посебно во делот на Советот), но сепак, сите кои посериозно ги следат процесите беа скоро едногласни за тоа кој ќе ја однесе победата. Секако никој не можеше да претпостави дека истото ќе се случи со ваква разлика со каква што се случи, но сепак.

Додека сме кај разликата, она што секако ќе треба некој да го објасни еден убав сончев ден е минусот од 3-4.000 „духови“ кои гласале на изборите во 2013-та. Заев своевремено на охриѓани им порача „она што Ви се случи на изборите во 2013 година не е пораз, туку кражба“. Од кои причини јавноста не ги дозна овие детали не знаеме, но ова секако дека остана да лебди во воздухот. Ако мене ме прашувате, јас би сакал одговорот да го слушнам како дел од процесот на едни три дами, по можност онаа театралната со бел тен и бемката, што сакала да биде претседателка, за впечатокот да биде комплетен.

Оставаме зад нас отрезнувачки 4 (и кусур) години, после кои ништо повеќе нема да биде исто, ниту во државата, ниту во Охрид. Заев ја отвори Пандорината кутија, можеби и прешироко. Како што стојат сега работите, ако некој „добие по главата“ од победата над стравот во оваа држава (за ова поклон до земја за ЗЗ), тоа ќе биде токму тој и неговата партија, затоа што сега реакцијата на обестравените е скоро моментална. Сега сите wannabe директорчиња, раководителчиња и други такви *.чиња нема да имаат поправен испит во јавноста. Една грешка и веднаш заминуваат неславно во историјата. Сетете се само на тоа момчето со билетот за Аргентина. Сега ќе му биде страв на Google да ја покаже оваа земја…

opstinaohridsologoНовата власт во Охрид наследи стари проблеми…. МНОГУ ПРОБЛЕМИ, на број се некаде помеѓу 30 и 40 милиони. Секој што некогаш менаџирал нешто повеќе од Куќен совет, многу добро знае колку се тоа пари и колку е тешко нивното враќање.

Професорот Стојаноски делува позитивно и расположено да се зафати со нивно решавање. Колку ќе успее ќе зависи најмногу од него и неговата подготвеност да им одолее на притисоците на урбаната, градежната и онаа стандардната мафија, крупниот бизнис инфилтриран насекаде околу него. Сите сега мерат кој колку вложил и помогнал за партијата, претворајќи го истото во соодветна противуслуга, на која сметаат дека имаат полно и легитимно право. Ако новиот Градоначалник успее да направи околу себе еден Кинески ѕид кој ќе го штити од погореспоменатите, составен од способни и чесни луѓе, има можност да се помрднеме од мртва точка. Како и на неговиот претходник, и на сите пред него, ќе им ги дадеме 100 дена за консолидација на редовите, а потоа ќе видиме дали поставеноста на војската и генералите околу него ќе даде некаква можност за решавање на барем дел од препреките кои се пред сите нас.

Jovan Stojanoski presЕден скромен совет до него, а потоа еден и за сите нас.
Навистина би сакале да го видиме некој градски татко како се занимава со сериозни и големи работи. Дождот кој го погоди Охрид деновиве уште еднаш покажа колку сме ранливи како град. Водоводната и канализационата мрежа се на стаклени нозе, на Колекторот треба да му се даде сериозен приоритет, да се направи обид да се донесат свежи пари во градот, а со тоа да се сопре белата чума која се заканува Охрид да го направи град на старци, да се направи ред во урбанизмот, да се подобри хигиената во градот, екологијата, спортот, забавниот живот… Охрид да стане град во кој ќе биде привилегија да се живее, а не град од кој најмногу се иселуваат на ниво на државата.

А ние?
Сите ние треба да помогнеме онаму каде што сме најдобри. Да се надминеме себеси, да заборавиме на некои работи кои можат да се проголтаат и конечно да не прашуваме што Охрид може да направи за нас, туку што ние можеме да направиме за Охрид. Ако некој може да помогне во делот на Колекторот (па макар и со лични односи) нека го направи тоа, ако некој може да донесе некој инвеститор, нека го направи тоа, ако има добра идеја, нека ја соопшти, нека се разгледа и примени. Ако овие два месеци нешто покажаа, покажаа дека сега општината и новата власт е многу поотворена за вакви идеи, ги прифаќа и имплементира.

Во Охрид има многу квалитетни луѓе, но…
За жал годиниве наназад наликувавме на оној вицот од погоре. Картите се сега распоредени, играчите горе долу се знаат. Треба посветеност, деноноќна работа и резултатите нема да изостанат…

Сашо Митан