sovetsednica0512

Советниците ја усвоија предлог одлуката за усвојување на нацрт буџетот за идната година проектиран на 920 980 000 денари

Охрид, 5. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Советниците на денешната седница ја усвоија предлог одлуката за усвојување на нацрт буџетот, како и предлог одлуката за утврдување фискална стратегија и развојни програми на општина Охрид за 2018 година.

Буџетот за следната година е проектиран на 920 980 000 денари и е за околу 180 милиони денари помал од оној што беше усвоен за тековнава година.

Советниците расправаа на теми од повеќе сфери. По однос на предлог програмите за поттикнување на развојот на туризмот и за поддршка на локалниот економски развој на општината, советничката од ВМРО ДПМНЕ Лидија Петковска рече дека она што е предложено не го гледаат како развојно, не претставува ништо друго освен продолжување на веќе воспоставените практики, без истите да се унапредуваат.

– Во програма има заложби за изнаоѓање начини за продолжување на сезоната, но за жал изостануваат мерки и проекти за продолжување на сезоната, рече Петковска.

На ова одговори градоначалникот Јован Стојаноски кој истакна дека развојната програма произлегува од стратегијата за развој на туризмот, која е формален документ започнат од минатиот градоначалник и ние, јас како градоначалник и секторот за руризам, сме одлучни дека мора да продолжиме со изработка на истата.

jovanstojanoski

– За да имаме нормално планирање во рамки на општината мора прво да биде завршена стратегијата. Токму заради тоа не се предвидени мерки и активности. Ние за наредна недела имаме закажано состанок со Swiss Contact. Финализирањето на стратегијата зависи од нив, рече Стојаноски.

Градските избраници изгласаа уште една, старо нова одлука, за исплата на долгот на ОУ „Григор Прличев“ кон ЕВН. Одлуката што беше донесена денес ќе има траен карактер, се до моментот на одблокирање на сметката на училиштето. Градоначалникот потенцира дека во моментов се финализира анализата на финансиската ситуација и утврдување на вкупните долгови. Тој рече дека во нацрт буџетот е предвидено превземање на сите долгови кои ќе бидат констатирани од страна општината, како основач на училиштето.

Советниците на денешната седница меѓу другото едногласно ги усвоија предлог одлуките за усвојување на нацрт програмата за финансиските потреби на територијалната противпожарна единица Охрид, нацрт програмата за спорт и рекреација, за културни манифестации и творештво,за работа на Советот на општина Охрид и за за јавно осветлување за 2018 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес