superradiostudio

Супер радио и проф. д-р Ангела Крстаноска – Василевска добитници на Повелбата Патрон на градот „Св. Климент Охридски“

Охрид, 6. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија од пристигнатите пет апликации одлучи Супер радио и проф. д-р Ангела Крстаноска – Василевска да бидат добитници на Повелба – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ за 2017 година.

Во образложението на комисијата стои дека Супер радио неодамна го одбележа јубилејот 25 години и дека е препознатлив бренд на радио новинарството, не само во Охрид туку и во Република Македонија.

На 7-ми ноември годинава нашата медиумска куќа, Супер радио прослави четвртина век од своето постоење. Приказната започна во ноември 1992 година, веднаш по осамостојувањето на Република Македонија. Започнавме скромно, но низ годините радио станицата прерасна во респектабилен медиум, кој успеа да го изгради својот имиџ преку многу работа и следење на најновите техничко-технолошки трендови.

25 godini super radio

Роденденот го дочекавме со комплетно дигитално студио, со новитети во програмата, нови лица, нови гласови и многу успешни проекти кои се зад нас и многу најави за уште поинтересни пред нас. Зас нас е Талент шоуто OhridSUPERSTAR, проектот „Досие ОХРИД“ и многу други проекти, сите направени оваа година.

Супер радио денес е препознатливо, пред се, по модерниот радио израз, актуелната музика, вкусно избрана за постарата и помладата популација слушатели, но и по информативните содржини, што го прават еден од најцитираните медиуми во Западна Македонија. Според сите анкети на Советот за радиодифузија на РМ (сега АВМУ), Супер радио веќе петта година е убедливо најдобрата, најслушаната и највлијателната локална радио станица во Република Македонија.

Слушателите ни ја даваат довербата, а ние ветуваме уште многу успешни години кои се пред нас и да останеме заедно во ист ритам – Охрид и Супер радио.

angela-vasileska_0Покрај Супер радио, со Климентова Повелба се закити и проф. д-р Ангела Крстаноска – Василевска, вработена на Факултетот за  туризам и угостителство од 2001 година. Покрај наставните и истражувачките активности на матичниот факултет таа учествува на бројни конференции во земјата и странство каде го афирмира Охрид и неговите потенцијали како развиен туристички центар, стои во образложението од комисијата.

– Благодарение на проф. д-р Ангела Крстаноска Василевска факултетот за туризам и угостителство располага со најмодерна и најопремена кујна, финансирана од грантови, а вклучена е и во други проекти преку кои се поддржува развојот на туризмот во Охрид. Таа потврдила и дека дава голем придонес во внесување новини во неформалното образование и организирање обуки за кадри неопходни за развој на туристичкиот бизнис, велат од комисијата.

Повелбите на добитниците ќе им бидат врачени на свечената академија, што ќе се одржи во петок, во дијамантската сала на хотелот „Инекс Горица“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес