opremapozarna

Донација во заштитни шлемови, одела и чизми за охридските пожарникари

Охрид, 15. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Територијалната противпожарна единица во Охрид доби специјализирана опрема, заштитни шлемови, одела и чизми, како донација од Холандија и Англија, во рамки на активностите на охридскиот Црвен крст насочени кон меѓународна соработка со институции и организации со сродни дејности.

Претседателот на Црвен крст, Сашо Точков изрази благодарност за донацијата до нивните партнери, но и до локалната самоуправа за нивниот сенс и слух за прием на ваква донација и за поттикнување на идните потенцијални донатори.

SasoTocko– Се надевам и очекувам дека локалната самоуправа и понатаму ќе соработува, ќе ги стимулира и поттикнува и мотивира потенцијалните донатори, се` со цел нашата противпожарна единица да биде ефикасна, навремено да интервенира. Денешната донација во униформи чизми и заштитни шлемови ќе биде од голем придонес, истакна Точков.

opremapozarna2– Врз основа на соработката која што ја има со меѓународните организации од Англија и Холандија во делот на заштита и проширување на вештините, Црвениот крст придонесе оваа донација да стигне до нас и да ги комплетира нашите потреби во делот на личната заштита на пожарникарите, кои при интервенции прво треба да го заштитат сопствениот живот и здравје за да можат да ги заштитат животите на граѓаните и материјалните добра, потенцира командирот на Територијалната противпожарна единица, Спасе Прентоски.

Тој изрази надеж дека во иднина ќе ја продолжат соработката со локалната самоуправа и Црвениот крст, па во следниот период да добијат и некоја донација во делот на колективната опрема, односно специјални возила.

Градоначалникот Јован Стојаноски подвлече дека донацијата за противпожарната единица, која работи во рамки на локалната самоуправа, е добредојдена особено во овие тешки моменти на функционирање.

JovaniSpasepress– Противпожарната единица и во иднина ќе добива поголеми средства и поддршка од нас. Во моментов сме во фаза на разрешување на еден стар спор што го имаме ние како локална и противпожарната единица во врска со платите на вработените, а понатаму ќе има поголеми средства кои се издвојуваат од буџетската програма за пожарната. Се надеваме дека и на јавноста ќе и биде препознатлив еден нов лик на противпожарната единица, истакна Стојаноски.

Покрај ова, пред неколку дена охридската противпожарна единица доби донација од социјалното здружение „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн, Австралија. Донацијата се состоеше од 10 единечни јоги душеци и 10 дупли ќебиња. Командирот Прентоски истакна дека постои расположение од нивна страна за донации и во иднина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес