strezocorner

Стаматовски: Охрид е театарски град и веруваме дека така и ќе остане

Охрид, 15. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Наши предизвици се зголемување како на квалитетот, така и на квалитетот на репертоарот. Целта е понудата да биде поголема, се разбира и посетеноста на претставите се повеќе да расте. Во Охрид имаме двојно зголемување на посетителите на театарските претстави, што докажува дека Охрид е театарски град и веруваме дека така и ќе остане, истакна  директорот на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид Стрезо Стаматовски, денешен гостин во емисијата „радио Корнер“ на Супер радио со Александра Алексијевска.

Супер радио: Зошто немаме кино проекции во Охрид?

Стаматовски: Не можеме да речеме дека воопшто нема кино проекции. Пред еден месец се одржа Месецот на германскиот филм, имавме неделно по две кино проекции за деца и две за возрасни. Но интересот кај публиката е навистина слаб. Дури и оние кои ја потпишаа он-лајн петицијата преку која се бараше повеќе кино проекции (ја потпишав дури и јас) не доаѓаат на проекциите. А ако сакаме блокбастери на кино во минимално пристојни услови, повеќе од неоходно е вложување во техничко-технолошки развој и на инстиуцијата и на самиот објект, кој што бара една голема „финансиска инекција“, бидејќи долговите од минатото се на некој начин товар кој не кочи и од кој мора што поскоро да се ослободиме.

Супер радио: Сте се обратиле ли досега некаде за таква „финасиска инекција“?

Стаматовски: Сме се обратиле на повеќе адреси, пред се` до надлежното Министерство за култура. Има и еден проект кој што се надевам дека следната година, доколку се` биде во ред и истиот биде одобрен, ќе може Охрид да има културна сала за кино проекции. Би имале соработка дури и со Cinepexx и вистински филмски премиери. Ова би се случило следната година некаде после летото. Но сето ова е со едно големо „АКО се одобри проектот“. Се соочуваме и со инфраструктурен проблем. Сите знаете дека во овој период од годината кога е ладно салите не се доволно загреани итн. Тоа се стари проблеми кои одамна и „тежат“ на институцијата. Но сепак сме оптимисти во однос на кино проекциите и веруваме дека наскоро ќе се најде решение за проблемот.

Супер радио: Ако е проблем да се донесе блокбастер, проблем ли е да се проектира и македонска продукција? Прашањето е дали ќе го погледне охридската публика македонскиот филм „Исцелител“ околу кој паднаа неверојатно добри критики?

Стаматовски: Филмот „Исцелител“ ќе има можност да го погледне охридската публика, но тоа ќе се случи некаде пред крајот на месец јануари.

Супер радио: Охридскиот Народен театар во оваа форма, како Национална установа во рамките на Ценатарот за култура „Григор Прличев“, опстојува од 2011 година, по долгогодишни иницијативи во Охрид да се возобнови професионалниот театар. Оваа сезона бројките на Заводот за статистика велат дека во споредба со претсходанта сезона 2015/2016 двојно се зголемени театарските претстави и двојно повеќе е зголемена публиката која ги погледнала. На што се должи овој успех?

Стаматовски: Ја прочитав статистиката која се однесува на посетата на тетарски претстави и за жал на ниво на Македонија таа е во опаѓање, во споредба со минатата сезона публиката е помала за околу 7 проценти. Контрасно на таа слика, во Охрид се случува двојно зголемување на посетителите на театарски претстави. Тоа уште еднаш докажува дека Охрид е театарски град и веруваме дека така и ќе остане. Инаку успехот се должи на тоа што развивме стратегија за работа преку која од септември до крајот на годината, задолжително покрај нашиот репертоар, имаме и гостувачки претстави од другите градови, на пример ја имавме „Стјуардеси“ од Театар Комедија, „Не се клади на енглези“ на МНТ итн. Имаме планови за соработка и со теaтри надовoр од Македoнија, теaтри од Албанија, од Црна Гoра и Хрватска. Во моментов сме во преговори за следната година да гостуваат во Охрид. И обратно, и ние како театар ќе се гостуваме на нивна сцена.

Супер радио: Театар не би бил театар во комплетна смисла на зборот ако нема нова енергија, подмладок, деца и младинци кои ќе се вљубат во таа магија од штиците што живот значат. Што прави Народниот театар во Охрид во овој поглед?

Стаматовски: Во моментов немаме детска група, но имам нешто ново да откријам и премиерно ќе го кажам за Вашиот медиум.  Охридското аматерско здружение „Аматер“ кое претходно има изведено една претстава во Центарот за култура, претставата „Буре барут“, се под закрила на Центарот за култура „Григор Прличев“. Почнати се подготовките за нова претстава на текст на Билјана Србљановиќ, насловена „Београдска трилогија“. Впечатливо е тоа што има модерен текст, а се занимава со проблематиката на младите во Охрид и веќе од утре почнуваме со пробите, а некаде на крајот на месец јануари ќе имаме комплетен производ. Верувам дека оваа аматерска група ќе дојде како вистинско освежување на сцената, а ќе има и свој репертоар.

Супер радио: Кои се следните предизвици на Охридскиот театар?

Стаматовски: Наши предизвици се зголемување како на квалитетот, така и на квалитетот на репертоарот. Ќе се борам да имаме т.н. „смол скејл“ продукции, каде екипата ќе се подели и паралелно ќе работи на неколку претстави. Целта е понудата да биде поголема, се разбира и посетеноста на претставите се` повеќе да расте. Во Министерството за култура имаме аплицирано со пет проекти од драмската дејност, се надевам дека барем четири ќе бидат одобрени. Во план ни се плус две претстави од сопствен буџет, а ќе имаме и две нови детски претстави. Сето ова е најава дека ќе имаме богата театарска сезона.

bistrocorner1Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес