Угостителско-туристичките субјекти од Охрид ќе договараат заеднички настап на „Скопје Травел Маркет“
Охрид, 31. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Состанок на претставниците од хотелско – угостителските субјекти, туристичките агенции, занаетчиите и станоиздавачите ќе се одржи задутре во Охрид.
Целта на средбите е заеднички настап и претставување на Охрид на петтиот јубилеен туристички саем „Скопје Травел Маркет”, што ќе се одржи од 7-ми до 9-ти мај во Скопје, на којшто Охрид годинава ќе биде град – домаќин.
Според претседателката на Стопанската комора за туризам на Република Македонија Лела Крстевска, со вклучувањето на Охрид како домаќин на туристичкиот саем „Скопје Травел Маркет“, на оваа манифестација и’ се дава нова позитивна димензија.
– Охрид е нашиот најголем туристички центар и затоа, ние како комора сме заинтересирани за што поголема негова промоција, со што значително би се продолжила туристичката сезона. Токму затоа, наши експерти се вклучени во креирањето на пакети за туристи од прекуокеанските земји, проект што е финансиран од ОЕЦД и Европската унија. Се надеваме дека во тие кружни европски тури Охрид ќе биде вклучен со едно или две ноќевања, вели Крстевска.
Организаторот, „Скопски саем“, за презентација на Охрид, како град-домаќин обезбеди голем штанд на централно место. На оваа саемска манифестација ќе биде претставена туристичката понуда на Турција, Србија, Црна Гора, Бугарија, Египет и на други земји од светот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |