avtopatizgradba

Дел од вработените на автопатот Кичево-Охрид уште ги чекаат заостанатите плати

Охрид, 12. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Веќе 23 дена трае штрајкот на вработените од градежната компанија „Трансмет“ ангажирани на автопатот Кичево-Охрид, а по овој период целосно не се исполнети обврските на оваа компанија кон вработените. Ако до крајот на оваа седмица не се подмират заостанатите плати и К-15, штрајкувачите најавуваат тужба и решавање на овој проблем по судски пат.

Дел од вработените веќе добија отказ, со цел да се намали притисокот врз компанијата за исплата на заостанатите обврски.

– Иако ни беше ветено дека до Нова година ќе ни бидат исплатени заостанатите плати, придонеси и К-15, сепак и по 23 дена од почетокот на штрајкот, не се подмирени сите заостанати обврски. Така, кон крајот на минатата година ги добивме платите за септември и октомври во минимален износ од 12.000 денари и придонесите по оваа основица за септември, октомври и за ноември, додека на име плата за месец ноември на нашите сметки беа префрлени по 100 денари, а за исплата на К-15 не станува ни збор. Револтот на вработените уште повеќе се зголеми откако на една група возачи, кои покрај работата на автопатот, во дел од месецот работат и во РЕК „Битола“, им беа исплатени плати и за ноември во полн износ, а на втората група нивни колеги ангажирани за исти работни задачи, не им беше исплатена ниту плата, ниту придонеси, со што настана уште поголема поделба на вработените од оваа компанија. Ако до крајот на оваа седмица не ни бидат исплатени заостанатите плати, К-15 и разликите на плата што ги добивавме до септември, тогаш ќе бидеме приморани да поднесеме тужба и овие проблеми да ги решаваме по судски пат, најави Горан Аризанкоски, претседател на штрајкувачкиот одбор.

Аризанкоски додаде дека дел од вработените кои беа во штрајк добиле отказни решенија, а истата судбина ги очекува и останатите работници ако продолжат со штрајкот, додека еден дел се пуштени на одмор. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива