gorankorner1

Ангелоски: За карневалот да прерасне во голема атракција потребна е поддршка од институциите

Охрид, 16. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – На 20-тина километри од Охрид, на надморска височина од 1.100 метри се наоѓа охридското село Куратица. Деновиве селото пулсираше во знакот на Василичарскиот карневал, кој е еден од позначајните во земјава.

За тоа како годинава помина карневалот и за предизвиците со кои се соочува за да прерасне во уште поголема атракција во охридскиот регион, Александра Алексијевска во „Радио Корнер“ разговараше со Горан Ангелоски, претседател на Месната заедница Куратица и дел од организацијата на карневалот.

Супер радио: Да се организира една ваква манифестација носи голема одговорност. Колку сте задоволни од тоа како помина јубилејниот 20 Василичарски карневал во Куратица?

Ангелоски: Како и секоја година, така и оваа карневалот помина во прекрасна атмосфера. Посетителите беа навистина весели и креативни со изборот на маски. Со еден збор прездоволни сме. Имаше добра музика, многу храна и пијалоци, што придонесе самиот карневал да прерасне во веселба која траеше до раните утрински часови.

gorankorner2Супер радио: Ако се навратиме назад, овој карневал влече корени од многу одамна?

Ангелоски: Ние како здружение на граѓани „Св. Василиј“ од Куратица во 1998 година одлучивме не само  да ја возобновиме традицијата за маскирање, туку и да ја надоградиме. Инаку сме сретнале податоци за традиција на маскирање во селото и од 50-тите години од 20 век и од периодот од Првата светска војна, за што постојат и фотографии. За маскирањето многу сме слушале и од постарите генерации. Инаку најстарите податоци кои датираат и укажуваат на традицијата на Св. Василиј луѓето да се маскираат, се од пред пет века, од кога датираат и најстарите записи за селото Куратица.

Супер радио: Традиционална „варејнца“ на други карневали нема да пробате? По што се` е специфичен Курајчкиот карневал?

Ангелески: Варејнцата е специфична за нашиот карневал. Само мајсторот кој ја прави го знае рецептот, а за да објаснам поконкретно, тоа е еден вид качамак, со пченкарно брашно, пршки и маст. Со оглед на тоа што оваа година се` се изеде, значи дека традиционалниот рецепт за „варејнца“ е превкусен. Инаку нашиот карневал е специфичен и по оној тринаесетти дел, кој одлучивме да си остане таков, оригинален и ништо да не менуваме во тој дел. Тоа се маските на зетот, невестата, бајачот и ѓаволот со група од околу 200-300 маскирани души кои ги придружуваат. Одат од врата на врата, додека не се поминат сите куќи во селото. Домаќините ги даруваат со храна и пијалоци, има многу музика и сето тоа трае до раните утрински часови, годинава останаваме некаде до пет часот наутро. Тоа е едно неверојатно доживување кое треба да се почувствува на самото место.

Супер радио: На кој начин изминативе 20 години се финансира организацијата на самиот карневал?

Ангелоски: За секоја организација потребни се финансии и екипа која ќе го реализара сето тоа. Екипата ја имаме, тоа се волонтери кои се вклучуваат во различни аспекти на организацијата. Сите кои се зачеленети во здружението „Св. Василиј“ помагааат на волонтерска база. Тие и буквално целото село живеат за овој настан. Покрај волонтери, секако дека се потребни и финансиски средства. Најголема благодарност секогаш упатуваме до нашите иселеници, кои се, ајде да речам, спонзорите кои помагаат со овој карневал селото Куратица да стане што попривлечно за рурален туризам во текот на целата година. Тие не само што го финансираат карневалот, туку ги финансираат и сите останати настани во селото. Со поддршка на дијаспората веќе 20 години успеваме да ја одржиме оваа наша традиција стара пет века. Секоја година и локлната самоуправа се приклучува, но за жал немаме поддршка од Министерството за култура.

gorankorner3Супер радио: Кој е главниот проблем со кој се соочувате при организацијата? Како овој карневал може да прерасне во уште поголема атракција и за охриѓани и за туристите?

Ангелоски: За карневалот да прерасне во уште поголема атракција потребна е финансиска поддршка од институциите. Ние до сега на неколку пати за финансиска поддршка сме се обратиле до Министерството за култура, но за жал до сега не сме имале нивна поддршка. Нашиот карневал го заслужува тоа, а веќе сме во преговори оваа година да станеме член и на Унијата на карневали. Наша цел е да го развиваме руралниот туризам и секоја година карневалот да го издигнуваме што повисоко, согласно нашите можности.

Супер радио: Карневалот е само еден од начините за промоција на селото Куратица, каде живеат околу 200 жители кои се обидуваат да развијат рурален туризам во текот на целата година. Наместо да го напуштате селото, каква што е сликата за цела Македонија, Вие барате начини како Куратица да го направите македонско село, но по „европски терк“?

Ангелоски: Наша цел е да размислуваме и да функционираме европски. Селото уште во 1998-та година има своја веб страна, домејнот е www.kuratica.eu, па додавката „ЕУ“ после името на селото ни стои и на таблата поставена на влезот на селото. Слободно можам да кажам дека размислуваме европски, размислуваме поинаку од сите и сакаме да бидеме препознатливи како такви. Лидери сме во развојот на руралниот туризам, кој станува се` поатрактивен во Европа. Сакаме Курајчкиот карневал да се надополни на она што градот Охрид го нуди како дел од зимската туристичка понуда.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува на Супер радио секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес