policija

Кривични за две лица поради фалсификување исправа и измама

Охрид, 22. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „фалсификување исправа“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против косовскиот државјанин со привремено живеалиште во Гостивар, 46-годишниот Ф.Х. и против 38-годишната В.Б. од Струга за сторено казнено дело „употреба на исправа со измама при добивање кредит или друга погодност“.

– При вршење контрола, проверка и обезбедување на целокупната документација за патнички автомобил за кој е поднесено барање за регистрација, утврдено е дека на 2-ри ноември 2015 година, пријавениот Ф.Х. направил лажна исправа – купопродажен договор за купопродажба на патничкиот автомобил. Така подготвениот документ со фалсификувана содржина, со намера да ја искористи погодноста од Законот за возила, на 16-ти декември 2016 година го употребил и го приложил во Бирото за метрологија при Министерство за економија во Скопје како доказ со цел добивање потврда за отворање на постапка за идентификација со која се потврдува исполнетоста на статусот „странски државјани на кои им е издадено одобрение за привремен или постојан престој во Република Македонија“. На тој начин, пријавениот Ф.Х. добил потврда за регистрација на возило, кое во редовна постапка не смеело да се регистрира по што фалсификуваниот купопродажен договор го употребил во документацијата потребна за издавање согласност за регистрација во Станица за технички преглед – Центар за испитување на возила, информираат од СВР Охрид.

Додаваат дека второпријавената В.Б., знаејќи дека на 27-ми јули 2016 година купила патнички автомобил со фалсификуван купопродажен договор и со невистинита содржина направен од пријавениот Ф.Х., на 26-ти декември истата година го употребила-пуштила во правен сообраќај како вистински.

– Таа поднесла барање за регистрација во Оделението за управни работи при полициската станица во Струга со намера возилото да биде регистрирано, иако знаела дека не се исполнети законските услови за регистрација, стои во дописот од СВР Охрид. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива