ohrid0310171

Република Македонија до утре треба да го поднесе Извештајот за напредокот во имплементацијата на препораките на УНЕСКО

Охрид, 31. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ потсетуваат дека утре, први февруари истекува рокот кој Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ѝ го зададе на Република Македонија во Одлуките 41 COM 7B.34 усвоени на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Краков, Полска во јуни 2017 година.

– До овој датум Република Македонија треба да поднесе Извештај за напредок во имплементацијата на препораките од здружената Реактивна мониторинг мисија на Центарот за светско наследство, IUCN и ICOMOS. Ова е дел од процедурата кој државата треба да преземе како не би дозволила единственото УНЕСКО добро да се стави на Листата на Светско наследство во опасност што би можело да води до целосно бришење од листата на Светско наследство на УНЕСКО. Според предложениот распоред на Реактивната мониторинг мисија (стр.71), заклучно со 1 февруари, 2018 се очекува да е постигнат следниот напредок:

1. Трајно отфлање на планот за ски центар во Националниот парк Галичица.
2. Трајно отфлање на секциите А и Е и суспендирање на останатите секции од планираниот експресен пат А3 низ Националниот парк Галичица.
3. Прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи (План за управување, Урбанистички/Мастер план за крајбрежјето врз основа на Исклучителната универзалната вредност (ИУВ) на доброто итн.), не се прифати соодветна правна регулатива и не се воспостави ефикасна контрола.
4. Изработка на темелна проценка за утврдување на заштитната зона на Светското наследство, што идеални би го вклучила и Преспанското Езеро.
5. Иницирање на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина (СОЖС) за Планот за управување со охридскиот регион 2016-2025.
6. При изработката на СОЖС, строго да се внимава на кумулативните влијанија од било какви инфраструктурни проекти (крајбрежни и урбани) врз ИУВ на доброто. Истата да биде поднесена до Центарот за светско наследство пред да се преземат било какви одлуки кои би биле непоправливи.
7. Стопирање на процесите на легализација на бесправно изградените објекти сè додека не се направи нивна евиденција и не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти.
8. Ригорозна примена на законите како би се спречило секакво нелегално градење.
9. Вклучивање на локалната заедница и невладините организации кон вистински партиципативен приод кон управувањето со Светското наследство, потсетуваат од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ.

Додаваат дека, имајќи ги во вид големите потенцијални последици за статусот на Светско наследство на Охрид и регионот доколку овие мерки не бидат преземени, како и во интерес на обезбедување јавен увид во владините политики, неопходно е граѓаните на Република Македонија да бидат информирани за случувањата во врска со овој извештај.

– Очекува целосно и транспаренто објавување на Извештајот и формално образложение за мерките кои се преземаат како на Охрид долгорочно би му се гарантирал статусот на Светско природно и културно наследство, потенцираат од Охрид ЅОЅ. (Крај)

извор: Охрид ЅОЅ фото: архива