studenciskoblato

Светски ден на водните живеалишта

Охрид, 2. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денес се прославува Светскиот ден на водните живеалишта (мочуришни предели, блата), денот кога на меѓународната конференија во Рамсар во далечната 1971 година мочуришните предели добија значење, важност и утврдена вредност.

– Ако кажеме повторно дека блатата се природни простори од кои зависи рибарството и рибниот фонд, одгледувањето на култури, ендемизмот на едно подрачје, чистотата на водата, заштитата на крајбрежието и заштитата од поплави и секако развоjoт на туризмот, дали на тоа ќе се поверува или повторно како и досега ќе се деградираат тие факти? Како да не е доволно што се деградирани самите блата. Блатата кај нас имаат и една друга охридска и струшка димензија. Тие се дел од нашата емоционална историја, места каде учевме да пливаме, да се бориме, да ловиме риба, да живееме заедно со животинскиот свет, места во кои растевме, се враќавме дома потполно водени но среќни. Таа емоционалната историја и наследство мора да се сочува. Блатните површини се дел од идентитетот на охридската приказна. Ние се` уште овде несфатливо се убедуваме дали сочувувањето на вредностите е важно или не. И додека не се убедиме, устите и натаму ќе ни бидат полни со Охрид и езерото, а стратешки ќе лутаме глумејќи нешто што не сме, несигурни во сопствените вредности и иднина кои некој во светот уште пред 38 години официјално ни ги признал и осигурал, вели екологистот и Координатор на ГЕФ Дримскиот Проект Дејан Пановски.

Тој додава дека светот навреме ја увидел и прифатил важноста на овие природни предели затоа што мочуриштата (блатата) се места од кои светот се снабдува со чиста вода,  филтер и чистач на водите, живеалишта на броен жив свет, природна одбрана од непогоди и поплави и заштита на крајбрежието на водените басени. Денес тие се и туристичко важни дестинации. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива