PROEKT1

Со нов современ центар за спасување на планина Охрид ќе стане побезбедна дестинација за авантуристички туризам

Охрид, 8. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Современ центар за спасување на планина, набавка на специјално теренско возило со дополнителна заштита, обезбедување на капалиштата од македонска и албанска страна се само дел од предвидените активности на проектот „Регионот Охридско Езеро – безбедна туристичка дестинација за авантуристички туризам“, кој беше презентиран денес.

Со овој проект Општина Охрид и поширокиот регион околу Охридското езеро, ќе добијат современ центар за спасување на планина, со што се отвараат можности за развој на безбеден авантуристичкиот туризам, кој е се попривлечен за странските туристи, истакна градоначалникот Јован Стојаноски.

JOVAN STOJANOSKI

– Според нашите стратешки определби за развој на туризмот во Охрид, со вакви и слични проекти ќе се збогатува туристичката понуда, ќе се зголемува бројот на странските гости и ќе се продолжи туристичката сезона. Центарот за спасување во планина ќе биде опремен по најсовремени стандарди, со оперативен и тренинг центар, простор за чување и одржување на техничките средства, специјално теренско возило и обучен кадар според препораките на Меѓународната комисија за алпско спасување – ICAR. Со проектот се предвидува и изработка на посебна апликација за паметни телефони која ќе овозможува брзо повикување помош при несреќи на планина, лоцирање на повредениот и негово спасување, потенцира Стојаноски.

– Од албанска страна ние имаме услови за развој на авантуристички туризам. Преку УНЕСКО сега завршивме една фаза, имаме патеки, проблемот е обезбедување на луѓето кои сакаат да го користат овој вид туризам. Иницијативата што ја имаме со охридскиот Црвен крст да имаме заеднички проект за формирање база за инфраструктурата за овој туризам е добар потег за одоржлив развој, истакна Аријан Мероли, носител на проектот од Албанија.

– Успеавме да направиме спој помеѓу она кое ние над 15 години го работиме, а тоа е спасувањето и битката да имаме ефикасен систем кој брзо и безбедно ќе одговори на сите потреби, напомена проектниот менаџер Антонио Додевски.

ANTONIODODEVSKI

– Основен предуслов за развој на авантуристички туризам е токму безбедноста која е клучна и за самите странци, но и за органзираните групи. Важно им е да доаѓаат во дестинации кои пред се нудат безбедност, бидејќи по дефиниција самата активност во авантуристичкиот туризам е виско ризична и многу често и покрај сите преземени мерки се случуваат незгоди и несреќи, потенцира Додевски.

Како илустрација Додевски наведе дека во последниве две години, службата за спасување и интервенции на планина интервенирала 11 пати.

Проектот е финансиран од Европската унија од ИПА 2 програмата за прекугранична соработка, а ќе го имплементираат Општинската организација на Црвен Крст од Охрид и Националниот центар за животна средина, туризам и одржлив развој од Поградец од Република Албанија. Опфатени се општините Охрид, Дебрца, Струга и Вевчани од македонска страна и Поградец од албанска страна. Вкупниот буџет на проектот е 415.000 евра, од кои грантот на ЕУ изнесува 352.750 евра, а остатокот од 62.250 евра е сопствено учество на партнерите.

Подготвителните активности за проектот започнаа во ноември минатата година, а периодот на негова реализација е две години, односно до ноември 2019 година.

PROEKT2

Во првата година од реализиацијата предвидена е изградбата на современ центар за спасување на планина, набавка на специјално теренско возило со дополнителна заштита и посебен вид амортизација, со кое ќе може да се врши транспорт на повредени лица, потоа набавка на гумен патролен чамец од албанска страна, современа опрема за спасување за 10 капалишта од двете страни на езерото, обезбедување на 10 капалишта во Поградец, обука на спасители и инструктори за спасување во вода и на планина според меѓународни стандарди, изработка на студија за одржливост на службата за спасување на планина и изработка на специјален софтвер и SOS апликација за мобилни телефони.

Во втората година се планирани бројни средби и работилници со инволвираните страни, изработка на прирачник за управување со ризици во туризмот, промотивни материјали, формирање на работна група за координирање и креирање процедури за делување при несреќи на планина, како и формирање на работно тело за идна прекугранична соработка и координација меѓу службите.

Покрај придобивките во туризмот, по успешната реализација на проектот, значителен бенефит ќе имаат и граѓаните, особено оние кои практикуваат одредени рекреативни активности во природа и оние кои живеат во руралните средини, ќе се зголеми нивното чувство на сигурност, но и мотивот за другарување со планината. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес