polishairlines

Од 1-ви јуни директна авио линија Варшава – Скопје

Скопје, 9. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Почнувајќи од 1-ви јуни, ЛОТ „Полиш ерлајнс“ ќе ја воведе првата директна авиолинија од Варшава до Скопје, објавуваат заедно ТАВ Македонија и ЛОТ „Полиш ерлајнс“.

Летовите на оваа линија ќе сообраќаат речиси секој ден, односно 6 пати неделно, освен в недела, со модерни ембраер воздухоплови. Билетите се веќе во продажба, преку контакт-центарот на ЛOT, на интернет-страницата www.lot.com, и кај продажните агенти.

Ембраерите на ЛOT секој понеделник, среда и петок ќе полетуваат од аеродромот „Шопен“ во Варшава во 10:35 часот за да пристигнат во Македонија во 12:40 часот. Патниците на летот од Скопје за Варшава ќе заминуваат во 13:20 часот. Секој вторник, четврток и сабота летот од Варшава е закажан да полета во 14:25 часот, а да слета во Скопје во 16:30 часот. Поаѓањето од Скопје е планирано да биде во 17:10 часот, додека пристигнувањето во Варшава е во 19:15 часот.

Летовите до Македонија ќе се опслужуваат со ембраер 170 и 175. Во зависност од типот на воздухопловот, ќе има 70 – 82 седишта достапни во три класи: економска, премиум-економска и бизнис-класа. Распоредот на летови е креиран така што патниците коишто патуваат од Скопје да имаат пристап до брзи и погодни летови за конекции од аеродромот „Шопен“ во Варшава до, меѓу останатите и, дестинации во Соединетите Американски Држави (JFK или Њуарк, Лос Анџелес, Чикаго), Канада (Торонто) и Западна Европа, на пример Скандинавија. Трансферите на LOT преку центарот во Варшава, до JFK, Чикаго или Лос Анџелес, почнуваат за само 80 минути од пристигнувањето на аеродромот во полската престолнина.

– Задоволство и привилегија ни е да ја најавиме Варшава како нова дестинација од Скопје, авиолинија што досега не сообраќала од главниот град на Македонија. Очекуваме оваа авионска линија, што ќе сообраќа 6 пати во неделата во текот на летната сезона, да се покаже како многу успешна. Со ова полските туристи ќе имаат можност да ја посетат и да ја откријат Македонија, а во исто време и граѓаните на Македонија и на соседните земји ќе имаат можност да патуваат со директна линија до Варшава и да ја доживеат Полска. Оваа авиолинија, исто така, ќе послужи за двете земји да ги зајакнат бизнис-врските, да се овозможи подобра комуникација со Источна Европа, како и трансатлантски летови до многу дестинации во светот кои се понудени од Варшава, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива