poetskanok

Управниот одбор на „Поетска ноќ во Велестово“ реагира поради недобивањето поддршка од Министерството за култура

Охрид, 13. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве Министерството за култура ја објави Годишната програма за поддршка на проекти од областа на културата, но на листата не се најде манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“.

Годинава ќе се одржува 30-то издание на поетската манифестација, па од управниот одбор изразија разочарување што токму во пресрет на јубилејното издание, оваа манифестација потполно е изоставена од каква било поддршка од Министерството за култура.

– Со нетрпение го очекуваме образложението за една ваква одлука, која во многу нешта, не само што е изненадувачка, туку е и во потполна спротивност на она што од министертвото и од самиот министер досега беше најавувано како културна политика, при што децентрализацијата и деметрополизацијата беа истакнувани како едни од клучните стратешки цели и во Нацрт–стратегијата, која до скоро беше нашироко претставувана, се вели во писмениот допис.
Додаваат дека разочараноста од ваквиот потег е поголема и поради најавите на самиот министер дека предност ќе имаат манифестациите со традиција и со уникатен концепт, а Поетската ноќ во Велестово е втората најстара книжевна манифестација во Македонија, веднаш по Струшките вечери на поезијата.

– Би сакале да веруваме дека се работи за грешка, пропуст или какво било образложение од ваков вид, што можеби ќе биде исправена по оваа јавна реакција и жалбата (приговорот), која ќе ја доставиме откако ќе го добиеме образложението, доколку решението е негативно. Ова е несоодветен третман кон една манифестација која во својата долгогодишна традиција ги претставила сите значајни поетски имиња, како и сликари, скулптори, фотографи од Македонија, стои во дописот.

Од управниот одбор наведуваат дека дури и да изостане поддршката од Министерството за култура, со помошта и поддршката од општина Охрид ќе успеат да реализираат барем дел од претходно предвидената програма (учество на поети од Македонија, Хрватска, џез и етно концерт, ликовна изложба, како и издавање на четири капитални изданија: Избор од современата македонска и хрватска поезија, Монографија: 30 години Поетска ноќ во Велестово и како и весник: Поетска ноќ во Велестово 2018). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива