Едно лице хоспитализирано со изгореници од вчерашната експлозија на гас во Охрид
Охрид, 2. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Две лица се повредени при вчерашната експлозија на плинска боца на улицата „Бистрица“ во Охрид.
Боцата експлодирала нешто по 16:00 часот во погон за производство на локум во населбата „Воска“.
Вработениот кој настрадал е веднаш префрлен во одделението за хирургија при Општата болница во Охрид каде што му е укажана неопходната медицинска помош.
– Пациентот беше донесен со изгореници на лицето и рацете, оние делови од телото кои не биле покриени со облека. Хоспитализиран е, и му е укажана неопходната медицинска помош. Во моментов е во добра здравствена состојба која и натаму ќе ја следиме, информира директорот на Охридската болница д-р Љубен Арнаудов.
Како што потврди за Супер радио командирот на Охридската територијална противпожарна единица Спасе Прентоски, пропан-бутан гас вчера истекол од плинските боци кои се користеле за загревање на казаните во кои се топел шеќерот од кој се правел локум.
– Гасот истекол, но при користење на кибрит или запалка дошло до експлозијата која можела да доведе и до човечки жртви, вели Прентоски.
Според него, имало поголеми оштетеувања во внатрешноста на магацинот, поради што и денеска се врши увид на местото на експлозијата.
– Оштетени се таваните, дел од стаклото и ламперијата во внатрешноста на објектот, а лесно повредено е и едно девојче на возраст од 10 до 15 години кое во моментот на несреќата поминувало покрај магацинот, појаснува Прентоски.
Експлозија на гас со фатален исход се случи на 5-ти февруари годинава во фабриката за производство на плински боци „Балкан гас“ во Богданци при што животот го загубија три лица кои биле вработени во фабриката, а еден нивни колега се здобил со изгореници од прв, втор и трет степен. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |