Избор Охрид

„Совест”: Градењето на локалитетот „Алипашина џамија” во Охрид се одвива спротивно законите

Охрид, 19. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Градежните активности околу реставрацијата и конзервацијата на Алипашината џамија во Охрид не се одвиваат согласно одлуката за нејзина конзервација и реставација. Тоа е ставот на Здружението на граѓани „Совест“, кое уште при првото нивно појавување имаа забелешки на начинот како се врши реставрацијата.

Потврда на таквите нивни тврдења е последната информација од Министерството за култура односно Управата за заштита на културното наследство доставена до Заводот и музеј во Охрид, во која Заводот се задолжува од „носителот на конзерваторското одобрение“, во случаот ИВЗ и Охридското муфтиство, да побара одобрение за градење согласно прописите за градење.

– Десет месеци ние како Здружение бараме да видиме одобрение за градење, Муфтството уверува дека со конзерваторското одобрение тоа се подразбира, за сега да се признае дека не се поседува одобрение за градба. Направена е штета оттаму што просторот околу џамијата, што е исто така културно наследство заштитено со закон, е ископан со тешка механизација. Сега не знаеме каква е судбината на тој дел од локалитетот, изјави Михаил Нанче, претседател на Здружението „Совест“.

Тој истакна дека последната информација од Министерството за култура е голема сатисфакција за нив како Здружение што има напредок во активностите за докажување на неправилностите во начинот како се изведуваат работите околу конзервацијата и реставрацијата на Алипашината џамија.

– Со решението од Министерството за култура доставено до Заводот за заштита на споменици од Охрид се признава дека се работело нерегуларно. Дури сега се доставуваат сугестии како да се продолжи за да се обезбеди регуларна документација, изјави Нанче за МИА.

Тој укажа дека остануваат на ставот дека ќе бараат кривична и прекршочна одговорност од сите надлежни институции и поединци кои, како што рече, не презеле никакви дејствија за да се спречи предизвикување штета на културно-историскиот локалитет.

– Немаме ништо против да се реконструира џамијата. Ние бараме реконструкцијата да се спроведе на начин да се задржат и заштитат сите историски пластови што постојат на локалитетот, како што стои во документацијата од претходните истражувања… Животот во Охрид не почнува во 16 век кога е изградена џамијата, туку таму има остатоци на градби и артефакти што датираат од железно доба, има и остатоци од црква. Ние се бориме и другите остатоци да бидат дел од тој историски локалитет, рече Нанче. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука