Саемот за мебел и официјално откажан
Скопје, 22. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Скопски саем го откажа годишнешниот Саем за мебел.
Организаторот ги известил фирмите кои се пријавиле како изложувачи на саемот дека манифестацијата нема да се одржи, дознава „Фактор“. Овој епилог следувал по месечни „натегања“, но откако било договорено саемот да биде на старото место односно на локацијата на Скопски саем, фирмите почнале со интензивни подготовки. Се пријавиле, нарачале мебел, закупиле рекламен простор – сега бројат загуби. Во известувањето до фирмите изложувачи дури се тврди дека е неизвесно одржувањето и на сите идни саемски манифестации во Скопје. Проблемот со организацијата на саемските манифестации на старата локација на Скопски саем настана откако во јули лани имаше промени во сопственичката структура на Скопски саем. Од октомври, минатата година пак сопственик на локацијата каде се одржуваа саемите е албанската корпорација „Балфин груп“, со кои сега требаше да се склучи договорот за одржување на манифестацијата.
Во известувањето од фирмата која го организира Саемот за мебел кој годинава беше закажан за терминот од 27 март до 1 април стои дека и покрај напорите, тие не успеале да се договорот за сите услови со новите сопственици на локацијата.
– Ве информираме дека и покрај сите напори договорот кој ни беше понуден за закуп на деловен простор од новите сопственици на локацијата Скопски саем не гарантира успешна организација на саемот, ниту ваше успешно претставување и успешни деловни контакти, пишува во известувањето.
Но, оттаму додаваат дека на таа локација не може да се одржи ниту една друга саемска манифестација од тие што ги прави Скопски саем.
Оставаат простор до стартот на саемот да се најде друга локација, но роковите течат и тоа најверојатно нема да се случи.
Од фирмите производители на мебел се непријатно изненадени од денешното известување. Велат дека ќе имаат значајна штета.
– Имаше во претходниот период различни информации дали ќе има или нема да има саем годинава и за тоа каде ќе биде. Откако не известија дека ќе се одржи на старата локација, сите фирми кои се пријавивме почнавме подготовки. Мебелот, знаете, се прави од 45 до 60 дена па секако се што ќе беше изложено веќе е нарачано. Некои фирми се увозници па мебелот го нарачале за да стаса на време. И тие се во загуба. Дел од фирмите имаат партнери од странство, резервирани се хотели, авиони. Речиси сите резервиравме и реклами, но сега се пропаѓа во последен момент, вели за „Фактор“ сопственик на еден од поголемите салони за мебел во Македонија.
Саемот за мебел е еден од најпосетуваните саеми затоа што фирмите изложуваат и продаваат мебел со поволни цени. Во последните години има многу купувачи и од повеќето земји од регионот. (Крај)
извор: Фактор фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |