lasker2

Средношколец со македонско потекло од Портланд испрати значајна донација за шаховскиот клуб „Ласкер“ од Охрид

Охрид, 25. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот шаховски клуб „Ласкер“, преку ОУ „Братство и единство“, доби вредна донација од средношколец од Портланд со македонско потекло.

ОУ „Братство и единство“ е меѓу школите од Охрид и Струга кои соработуваат со невладината организација Macedonia schools project, која ја води Том Линехам. Луѓето кои во Америка работат со него, донираат, а Том им кажува какви потреби имаат училиштата во Македонија. На почетокот донациите биле помали, а сега веќе постепено се зголемуваат.

Благодарение на таквата соработка, шаховскиот клуб доби како донација 15 часовници за мерење на времето.

lasker3

 

Имено, 17 годишниот Саша Агапиев,чија мајка е македонка, а татко србин, е роден во Портланд и е трета година во гимназијата Catlin Gabel. Токму неговата мајка е член во бордот на Macedonia schools project, па нејзиниот ангажман придонел и кај него да се роди идеја да помогне.

SashaAgapiev

Саша, кој и самиот членува во шаховски клуб, заедно со своите другари решиле да одвојат еден дел од средствата собрани од влезниците за турнирот кој се одржал на 6-ти јануари годинава и да ги донираат токму за охридскиот клуб, по претходна консултација со невладината организација. Тие го оргазнизирале и целиот процес за купување и испраќање на часовниците до Охрид.

Оваа донација е голема помош за нас, дециден е професорот Борис Лушески.

borisluseski

–  Донацијата е благодарение на професорката Емилија Паункоска и Том Линехам, кои ја посочија нашата школа. Ние имавме 15 часовници кои ги набавивме од членарната. За Меѓународниот детски турнир кој веќе две години се оржува во октомври, моравме да позајмуваме часовници од Шаховската федерација. Сега веќе од тоа ќе немаме потреба и ќе можеме и да органзираме турнири. Голема помош за нас е оваа донација, бидејќи годинава треба да играме во лига, часовниците ги имаме. Инаку и досега имаме добиено донации од Линехам, за набавка на дел од таблите и фигурите, потенцира Лушески.

lasker4

„Ласкер“ како шаховски клуб е регистриран од август минатата година, а претходно постои од 2011 година, како секција во склоп на Здружението на математичари. Клубот има 25 членови, од кои најмалиот има само 5 години. Лушески вели дека според условите кои ги имаат се задоволни од досегашната работа и постигнатите резултати, потенцирајќи дека имаат и прваци по категории.

lasker1

Последната донација ќе им даде уште повеќе стимул за напредок и одлични резултати. Инаку, освен часовниците,младиот херој Саша донира и спортска опрема за ОУ „Јосип Броз Тито“ во Струга, како и книги за подрачното училиште во селото Куратица. Планира во текот на летото да ги посети Охрид и Струга, да се запознае со децата и наставниците и да добие идеи за натамошна соработка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес