Палењето стрништа може да предизвика пожари од пошироки размери (Фото)

Охрид, 2. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на зимата најактивни беа пожарите на оџаци, но во овој период од годината најмногу пожари се случуваат на отворено и тоа токму заради палење на стрништа.

Денеска гореше сува вегетација кај Подмолје, во близина на стариот пат што ги поврзува Охрид и Струга. Од Охридската територијална противпожарна единица велат дека кај нив не бил пријавен пожар и оти најверојатно се работи за оган што се држи под контрола.

podmoljepozar2

Палењето стрништа во овој период од годината може лесно да предизвика пожари од пошироки размери на отворен простор.

Во текот на изминатите години пожари на отворен простор најчесто се предизвикуваа во Националниот парк „Галичица“, на потегот кај Подмолје, кај месноста „Свети Еразмо“, околу охридското блато и во населбата „Радојца Новичиќ“.

Надлежните потсетуваат дека казната за палење стрништа, плевели и друг растителен отпад се движи од 6.000 до 8.000 евра за правни лица и од 1.500 до 3.000 евра за физички лица. Предизвикувачите на шумски пожар од пошироки размери можат да се соочат и со затворска казна во траење од една до десет години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес