vmroohridlogo

ВМРО-ДПМНЕ: Градоначалникот Стојаноски го затскрива полнењето на администрацијата со партиски подобни кадри

Охрид, 1. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот Јован Стојаноски го затскрива полнењето на администрацијата со партиски подобни кадри, обвинуваат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Општина Охрид распишала оглас за доделување на договор за јавна набавка на услуги за привремени вработувања за потребите на Општината. Според објавата на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки се работи за договор со проценета вредност од 7.564.005 денари без ДДВ во период од една година. Класичен пример за недомаќинско работење.
ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше и уште еднаш потенцираме дека декларираната заложба за транспарентност, отчетност и заслуги во јавната администрација е загрозена од ад-хок мерките кои овозможуваат вработување во јавна служба како социјална мерка, или масовното претворање на привремените вработувања во постојани вработувања. Со невидена дрскост Дамјан Манчевски јавно призна дека СДСМ спроведува политички реваншизам со тоа што ги прекина сите договори за привремено вработување кои ги затекна, за сега да склучува нови. Додека се` уште ја чекаме точната бројка колку вкупно вработени има државната и јавната администрација, во последните неколку месеци на сите страни излегуваат огласи за привремени вработувања. Градоначалникот веднаш да одговори дали привремените вработувања се канал за партиски вработувања, прашуваат од партијата.

Додаваат дека, за жал, исто така најизразено беше во образовните институции каде без работа и без посебно образложение беше прекинуван договорот на луѓе кои работеа со години во училиштата и градинките, па мораше да реагира и Синдикатот.

– Беа отпуштени самохрани мајки и луѓе за кои тоа работно место им е единствениот приход, се` со цел да се вработат партиски кадри без ден работно искуство, без оглас и посебни критериуми за работа. Дали на овој начин се вработуваат партиски кадри на СДСМ? Вака практично се затскрива полнењето на администрацијата со партиските подобни кадри.
ВМРО-ДПМНЕ апелира да престане прогонот и реваншизмот врз вработените во јавната и државната администрација. Сметката во име на СДСМ на крај ја плаќаат граѓаните, стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива