struga-rakomet

Струшкиот ракометен турнир – Лига на шампиони во мало

Струга, 4. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Стружани го подготвуваат новото издание на „Струшкиот турнир“ во ракомет на отворено, на „Женска плажа“, а првичните најави се дека годинава ќе ги надмине претходните по рејтингот на учесниците.

Подемот кој полека ја вади РК Струга од заборав, се пренесе и на турнирот во овој град, кој во август би требало да претставува вистински престиж. Оттаму најавуваат дека преговараат со екипи кои се учесници во Лигата на шампионите.

Првата промена која ќе биде во однос на минатата година е тоа што наместо шест, ќе учествуваат осум екипи, четири домашни и четири елитни од странство. Покрај домаќинот Струга, треба да потврдат Вардар и Металург и уште една, веројатно, од битолските суперлигаши.

Од европските екипи доаѓа Целје, а во тек се преговорите со Пик Сегед, Кристијанштад, Бешикташ, Констанца… Ќе се игра во две групи од по четири екипи, секој со секого, а потоа првопласираните ќе играат финале, вторите за трето место итн.

Ако им се остварат плановите на стружани, можно е шест од осумте учесници да бидат екипи со педигре од Лигата на шампионите. Оваа година турнирот е 46-ти по ред, ќе се одржи од 15-ти до 19-ти август, на традиционалната „Женска плажа“, а најавуват и дека се планира комплетирање овој терен, кој засега има само една трибина.

извор: Sport 1 фото: архива