iscelitel film

Филмот „Исцелител“ ќе учествува на „Софија филм фест“

Скопје, 6. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески ќе биде прикажан на најголемиот меѓународен филмски фестивал во Бугарија – „Софија филм фест“.

Филмот ќе се натпреварува во балканската програма во конкуренција со 12 други филма, која ги вклучува најуспешните балкански кино остварувања од последната година.

„Исцелител“ ќе има три прикажувања за време на фестивалот, на 13-ти, 15-ти и 22-ри март.

Во балканската програма оваа година се и добитникот на Златна мечка на Берлинскиот филмски фестивал, романскиот филм „Не допирај ме“ на Адина Пинтилие, добитникот на специјалната награда во Карлови Вари, босанскиот „Мажите не плачат“ на Ален Дрљевиќ, добитникот на награда на Трибека, грчкиот „Синот на Софија“ на Елина Псикоу, добитникот на главната награда на фестивалот во Токио, турскиот филм „Зрно“ на Семих Капланоглу и други.

Ова е 22-ро издание на „Софија филм фест“. Фестивалот е во листата на врвни 50 светски филмски фестивали според престижното списание „Варајати“, а претставува и еден од најзначајните филмски настани во Европа акредитиран од ФИАПФ.

На фестивалот досега присуствувале етаблирани филмски професионалци, како Питер Гринавеј, Јиржи Менцел, Никита Михалков, Мики Каурисмаки и други. Оваа година Вим Вендерс и Милчо Манчевски ќе ги претстават своите најнови филмови, а култниот американски режисер, Абел Ферара ќе добие специјална награда за придонес во филмската уметност. (Крај)

извор: МКД фото: архива