Јовановски: Ровови покрај сите паркинг места, специјалците на готовс!

Охрид, 3. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Да почнам од најактуелното, најтазе. Од пред два дена менаџментот на Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ доби генијална идеја за наплата на паркингот. Од пред неколку денови, агенција за обезбедување заедно со полицијата ќе помагаат во наплатата на паркингот во Охрид.

Мислам, ваква генијална идеја немало со години, не само во Република Македонија туку и пошироко. Просто човек да се изначуди до каде може да оди човековата креативност која ја носи модерното време.

Браво!

И така пред два дена, гледам како еден граѓанин се расправа со агенцијата за обезбедување. Вчера пак ми се јавија пријатели кои само една минута откако се паркирале одма им била ставена шепа на автомобилите. Ми викаат дека иако биле на неколку метри од автомобилот, морале да платат илјада денари за да можат да се движат понатаму со својот автомобил.

Не знам дали да им дадам друга идеја бидејќи, се си мислам дека наскоро ќе ја применат како што тргнала работава. Ама еве, на пример, можат да ископаат ровови околу сите паркинг места. Во тие ровови, 24 часа на ден, нека има стража на специјалните единици опремени со опремата на Бате Саше од Израел која нели, иако строго државна тајна, преку договор за донација со најголем степен на тајност, беше набавувана со СМС пораки. Посериозно и потајно, здравје. Па за празници и во летниот период (нели гужва во градот), специјалците на МВР на стража можат да ја повикаат и Армијата на Република Македонија на помош. Претседателот Иванов сигурно ќе ја насочи војската на паркинзите во Охрид, имајќи во предвид дека самиот тој нема попаметна работа во периодов. Секако, доколку има потреба, ќе свика и Совет за безбедност.

И така охриѓани секојдневно се будат и живеат да слушнат и да видат некоја нова генијална идеја од „шефовите“ ни во градот. Иако голем дел од истите постапки кои денес тие ги прават во многу поголем обем и домет, во минатото беа чума за градот, денес тоа се новини кои го водат Охрид кон светлото на тунелот. Светло кое да се надеваме дека нема да биде воз. Сегашните „шефови“ се „самозапалуваа“ пред јавноста со цел да го спасат Охрид од тираните и насилниците ама денес преку истите чекори се претставуваат како спасители. (Крај)

Филип Јовановски

0465zaednicka

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.