smartohrid

„Смарт Охрид“: Со хибридни автобуси и соларни бродови до намалување на притисокот од сообраќајот врз НП „Галичица“

Охрид, 12. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Студијата за концептот „Смарт Охрид“ која беше промовирана денес има за цел да се намали притисокот од сообраќајот врз НП „Галичица“.

Истражувањето со кое ќе се дадат предлог решенија за одржлив транспортен систем, се однесува на крајбрежниот простор на Охридското Езеро, на потегот од Билјанини извори до Свети Наум. Изработен е со помош на експерти од областа на архитектурата, урбанисти, експерти во делот на животна средина и социјална политика.За целиот процес беше задолжен професорот Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер.

Концептот се јавил пред две години, најпрво само како идеја која овозможи коминикација на засегнатите страни за можностите со кои Охрид може да се развива на одржлив начин, што ќе значи придобивка и за населението и за општината, но и за туристите, потенцира Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко свест од Скопје.

AnaEkosvest– Концептот подразбира мултимодален концепт, еден пункт за пркирање на возилата и оттука избирате различен начин на сообраќај односно транспорт до Св. Наум. Идејата на концептот е да го намали притисокот од сообраќајот врз НП „Галичица“, односно врз биодиверзитетот и локалнаото население со тоа што сите автомобили или дел од нив би ги пренасочил на друг вид сообраќај. Во делот на друг вид сообраќај станува збор за современ автобуски превоз кој може да се одвива со хибридни автобуси, потоа еден вид на туристичка атракција би биле соларните бродови кои не го загадуваат езерото. Посветивме внимание во делот на бродскиот сообраќај од тие причини предвидовме мобилни пристаништа, а не кои би значеле инфрасруктурни зафати кои би го нарушувале крајбрежјето. Покрај тоа предвидена е велосипедска патека која оди дел по должината на крајбрежјето дел низ паркот. Со овие содржини буквално ги покриваме сите потреби на населението и туристите за Охрид и Галичица да ги доживеат на посебен начин, потенцира Чоловиќ Лешоска.

smartohrid2Студијата се состои од четири компоненти. Првата е самиот концепт. Вториот дел е проценка на влијанијата на ваквиот систем на животната средина, третиот е проценка на социјалната компонента и четвртата е економската анализа. Според анализите средствата кои треба да се вложат  иницијално не се големи, бидејќи станува збор за систем кој е самоисплатлив.

– Свесни сме дека општината не ги поседува финансиските средства тоа да го направи самостојно, но постојат голем број донатори кои би го финансирале концептот, рече Чоловиќ Лешоска.

Таа изрази задоволство што плановите за експресниот пат и ски центарот на Галичица се стопирани и дека со „Смарт Охрид“ воопшто нема да има потреба да се инвестира во таков вид проекти, со кои би се нарушила животната средина.

Според градоначалникот Јован Стојаноски, општината мора да размислува за валоризација на Галичица, па оваа студија ќе оди во прилог на интегралниот пристап кон решавање на еколошките проблеми.

jovanstojanoski– Станува збор за студија и проект кој треба да се изведува во износ од 14-15 милиони евра. Но, сметаме дека со проактивност на локалната, изведувачите на проектот и централната власт ќе успееме и овој проект го вклопуваме во сите еко проекти кои досега ги изработувавме, а се поврзани со регулација на сливните подрачја, уредување на Студенчишко блато и останати проекти за да имаме одржлив развој, потенцира Стојаноски.

Носителите на овој концепт сметаат дека преку „Смарт Охрид“ националниот парк, кој се уште ги нема добиено соодветната важност и приоритет, ќе биде промовиран соодветно. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес