Stephen-Hawking_2_640x360

Почина Стивен Хокинг – еден од најголемите светски научници

Кембриџ, 14. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Еден од најголемите светски научници, британскиот физичар и теоретичар, Стивен Хокинг, почина вчера на 76 годишна возраст, соопшти неговото семејство.

Професорoт Хокинг живееше во очекување на својата смрт од рана возраст. На 22-години, лекарите му изрекле мрачни прогнози предвидувајќи му само неколку години живот откако било утврдено дека страда од ретка болест, амиотрофична латерална склероза.

Тешката болест го приковала за инвалидска количка поради што речиси целосно ја изгубил моќта за говор, но неговиот ум, иако заробен во кревко тело, останал блескав и нескршлив. Живееше повеќе од 50 години по дијагностицираната болест и во исто време стана медицинско чудо.

Хокинг бил роден во Оксфорд во 1942 година и дипломирал на универзитетот за физика во Оксфорд, додека пак докторската дисертација за космологија ја бранел на универзитетот во Кембриџ. Во 1974 година, станал член на Кралското друштво од Лондон, едно од најстарите научни здруженија во светот, а потоа професор по математика и физика на универзитетот во Кембриџ, каде што некогаш предавале великани како Исак Њутн и Пол Дирак.

Најпознат е по своите истражувања за вселената и квантната гравитација, особено во контекст на црните дупки.

Автор е и на книгата „Кратка историја на времето“ која во 90-те години на минатиот век беше распродадена во рекордни тиражи. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива