kuraticaprotest1

Ангелоски: Со најмал дожд или снег со денови остануваме без струја (Фото/Видео)

Охрид, 14. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – По две-три години повторно сме на протест пред ЕВН и сакаме на еден цивилизиран и културен начин да им укажеме дека ова е голем проблем за нас и да доставиме до одговорните барање за да се средат состојбите, порачаа жителите на селото Куратица на денешниот протест пред зградата на ЕВН во Охрид.

kuraticaprotest3Тие истакнаа транспаренти со натписи: „ЕВН инвестирај во иднината“, „Да не дозволите да ве изненади и следната зима“ во паркот пред зградата и јасно ги истакнаа своите барања:

– Ние на овој начин не можеме да функционираме понатаму. Село со 300 жители и околните села од поранешната Коселска општина на овој начин не може да функционира. Потребна е само мала количина на дожд или снег и ние со денови остануваме без струја. Мрежата која е поставена на овој дел е, како што вели и една од паролите кои ги оставивме тука, „од Титова Југославија“, со таа мрежа ЕВН не може понатаму да функционира и ние бараме компанијата да инвестира во нова мрежа за и следната зима да не ги изненади. Дознавме дека е покрената процедура за да се инвестира во мрежата, но според неофицијални информации, најверојатно само ќе се крпи старата мрежа, порача Горан Ангелоски, претседател на Месната заедница од ова село.

kuraticaprotest2Тој посочи дека бараат да се инвестира во комплетно нова мрежа, на потегот од Прентов мост или од другата страна, од Дебрца.

– Тоа сепак не е во наш домен, за тоа има стручни лица кои целиот тој проект треба да го реализираат, а ние од Месната заедница од село Куратица сме подготвени да им излеземе во пресрет екогаш за да се надмине овој проблем, додаде Ангелоски.

Од Месната заедница до ЕВН доставиле и писмено барање до ЕВН за комплетно санирање на катастрофалната состојба на мрежата и побарале рокови за нејзино оспособување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес